До почетокот на главната туристичка сезона во Охрид ќе биде активиран системот „Безбеден град“, со околу 40 софистицирани камери поставени на најфреквентните сообраќајници во градот и околината, најави портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
Поставувањето на камерите е веќе започнато и активно се очекува системот да профункционира со почетокот на летната сезона. По инсталацијата ќе следи тест-период, ажурирање и евентуални корекции, по што системот целосно ќе биде ставен во функција, изјави Димоски.
Камери ќе бидат поставени на сите позначајни сообраќајници, на влезовите и излезите од градот кон Битола и Скопје, по автопатот кон Кичево, на патот кон граничниот премин Св. Наум, како и на најфреквентните улици во градот, меѓу кои булеварите „Туристичка“ и „Железничка“. Посебно ќе бидат опфатени и делниците кон плажите, каде во летниот период се бележи зголемен сообраќаен интензитет.
Целта е подобрување на сообраќајната безбедност, намалување на ризикот од сообраќајни незгоди, особено со тешки последици, смирување на сообраќајот и развивање на сообраќајна култура, посочи Димоски, додавајќи дека се очекува позитивен ефект по примерот на Скопје, Тетово и Куманово, каде ваквите системи веќе придонеле за намалување на бројот на сообраќајни незгоди.
До целосното активирање на системот, од СВР Охрид најавуваат засилено полициско присуство на критичните точки, особено на патиштата кон плажите и излезите од градот, со цел доследно почитување на сообраќајните прописи.
Акцентот во контролите ќе биде ставен и на мотоциклистите.
Тие се под интензивен мониторинг, се проверува носење заштитна опрема, сообраќајна документација и секое непочитување ќе биде санкционирано. Апелираме до мотоциклистите да бидат внимателни, а родителите да посветат дополнително внимание, истакна Димоски.
Системот „Безбеден град“ е дел од пошироката стратегија на Министерство за внатрешни работи за дигитализација и модернизација на сообраќајниот надзор, со цел поголема безбедност и ефикасна контрола на сообраќајот.
Г.М.















