Во време кога хроничните заболувања и потребата од навремена превенција се сѐ поактуелни, Охрид ќе биде домаќин на Социо-здравствен саем – тридневен настан кој ги поврзува институциите, компании, иницијативи, здравствените работници и граѓаните околу прашања од директен јавен интерес. Oтворањето на саемот е денес од 11.00 часот во големата сала на Општина Охрид.
Во периодот од 03 до 05 април, саемот носи содржина која излегува од рамките на класични настани и директно се доближува до граѓаните: отворени разговори со институции за достапноста на здравствените и социјалните услуги, панел дискусии со лекари специјалисти за превенција, рано откривање и третман на заболувања, теми кои ја засегаат секоја семејна средина – од примарна здравствена заштита до хронични болести и ментално здравје, посочуваат организаторите.
Кулминацијата на саемот, велат, е ЕКСПО денот (05 април, недела), кој ќе се одржи на тревникот кај хотел Палас, од 12:00 до 15:00 часот, како отворен простор за граѓаните.
На едно место, посетителите ќе имаат можност да: се сретнат со околу 20 здравствени установи, компании и организации, добијат бесплатни мерења, советувања и директни насоки од стручни лица, како и да учествуваат во активности кои го промовираат здравиот начин на живот.
Дополнително, информираат, ќе биде поставен и спортско-рекреативен мини полигон, со активности кои ја поттикнуваат физичката активност како дел од секојдневната превенција.
Со ваков концепт, Социо-здравствениот саем претставува обид здравјето да се извади од институциите и да се доближи до граѓаните, преку директна комуникација, практични совети и достапни услуги, потенцираат организаторите.
Настанот го организира Здружението на лица со дијабет – Охрид, во партнерство со Аптеки „Виа Фарм“ и Центарот за ментално здравје, раст и развој „Психонаутика“. Саемот е финсиски поддржан од Општина Охрид.
OhridNews














