ГКК Охрид го совлада Гостивар со 90:85 во седмото коло од Првата кошаркарска лига, група „Б“, нанесувајќи му го првиот пораз сезонава. Охриѓани до значајниот триумф стигнаа по борбен натпревар, прекин подолг од половина час и неизвесна завршница.
На 5 минути и 35 секунди до крајот, при водство на Охрид од 75:74, по судиска одлука која предизвика бурни реакции, на домашниот тим му беа досудени повеќе технички грешки. Следуваа реакции од играчите, стручниот штаб и публиката, по што судиите го прекинаа натпреварот и побараа празнење на гледалиштето.
По паузата, Охрид ја задржа присебноста и ја доби драматичната завршница. Еден од пресудните моменти беше тројката на младиот Ѓоровиќ, со која домашните направија клучна разлика на патот до победата.
Димитриевски беше најефикасен кај Охрид со 22 поени, Ѓоровиќ постигна 19, Настовски 15, а Камиловски 13 поени. Кај Гостивар, Тодоровски заврши со 23, Пецановски со 17, Кнежевиќ со 14, а Ибраими со 13 поени.
Со четири победи и два порази, Охрид е трет со 10 бода, веднаш зад Гостивар и Вардар, кои имаат по 11 бода и биланс 5–1.
Во другите средби од колото, Бутел го совлада Тетекс ТТК со 79:67, а Вардар беше подобар од Овче Поле со 88:74. Во следното коло, на 28 ноември, Охрид повторно ќе биде домаќин, овој пат на Овче Поле.
Г.М.


















