Охрид и Струга се туристички места кои мора да се развиваат, исто како и останатите градови од кои дел ги имаме и во околината, а се под заштита на УНЕСКО. Ние бараме само ист и фер третман, рече премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Струга одговарајќи на прашање во врска со изградбата на трасата Требеништа – Ќафасан.
Што се однесува до УНЕСКО, од блиску ја следам состојбата, имавме состанок во седиштето, ние нашите аргументи ги кажуваме. Не е само трасата во прашање, тука имаме многу повеќе проблеми од трасата, а тоа се пред се жителите во овој регион и во Струга и во Охрид, кои што имаат ограничување во делот на својот семеен развој. Не можат да си ја надградат куќата, не можат да ја прошират поради ограничувањата кои што ги имаме од страна на УНЕСКО, но и тоа не е толкав голем проблем, бидејќи Охридското Езеро не се протегна само во Охрид и во Струга, тука имаме и со соседна земја однесување кое што не е во согласност со препораките на УНЕСКО, рече Мицкоски.
Што се однесува до трасата, посочи дека веќе неколку пати има кажано дека ќе се изнајде решение со друга траса и тоа ќе биде повеќе јасно во јуни.
Но тоа е состојба за која не сме толку многу загрижени, бидејќи има решение. Поголемо решение е со семејните судбини кога семејствата не можат да се развиваат. Така што мораме тука многу внимателно да пристапиме, а имаме и однесување во минатото кое што, за жал, повеќе е забележено тука во Општина Струга, кое што нанело непоправливи штети на имиџот на државата пред УНЕСКО. Ние ќе ги решаваме проблемите, ќе дојде инспекција од УНЕСКО мислам во втората половина на мај. Јас ќе бидам лично нивен домаќин и лично јас ќе ги пренесам аргументите кои што сега ги зборуваме. Мора да ги развиваме Струга и Охрид кои се наши туристички бисери. Има и други туристички места во светот кои што се заштитени од УНЕСКО, па се развиваат.
Мораме, рече Мицкоски, да го развиваме овој регион, посебно што овде и туризмот е приоритет.
Сега во услови кога имаме 20% зголемена бројка на патници во првите месеци на охридскиот и 30% на скопскиот, и преку 20% зголемена бројка на странски гости, ние мораме да најдеме начин како да го развиваме овој крај, инаку не можеме да се согласиме со тие аргументи. Ние бараме ист фер третман како и другите места коишто се исто така туристички, а во околината ги имаме многу, кои се под заштита на УНЕСКО, додаде Мицкоски.
Н.С.Ј.














