Охрид во март 2027 година ќе биде домаќин на 30. јубилејно годишно собрание на Европската едриличарска федерација (ЕУРОСАФ). Кандидатурата на Едриличарската федерација на Македонија (ЕФМ) беше едногласно прифатена на годишното собрание во Малта во април, каде што ја претставија претседателот Стефан Ставрев и генералниот секретар Славчо Мошоски.

Ставрев во изјава за Охридњуз оцени дека домаќинството е можност Охридското Езеро да се афирмира како терен за балкански, европски, а во иднина и светски натпревари во едрење, вклучително и во олимписките класи. Тој гледа потенцијал Охрид да стане и зимска тренинг-дестинација за едриличари од европските земји.

Ова е голема отскочна даска за македонското едрење и за понатамошниот развој на Федерацијата и нејзините членки. Воедно, тоа е големо признание и обврска да се покажеме како добри домаќини, изјави Ставрев за Охридњуз.

Според програмата, делегатите ќе пристигнат на 19 март, а собранието ќе се одржи на 20 март во хотелот „Инекс Олгица“. На 21 март е предвиден разглед на Охрид и Охридското Езеро, по што делегатите ќе заминат.

Г.М.