Охрид официјално стана дел од Европските културни рути на Советот на Европа, со што уште еднаш се потврди неговото исклучително место на европската културна и духовна мапа.

Ова признание претставува потврда за историската и цивилизациска улога на Охрид како духовен и културен центар на словенскиот свет, поврзан со делото на Кирил и Методиј и нивните ученици Свети Климент и Свети Наум, кои токму во Охрид ја поставија основата на словенската писменост и духовност. Приклучувањето кон Европските културни рути отвора нови можности за меѓународна соработка, културна размена и развој на културниот туризам, со што Охрид дополнително ќе се позиционира како препознатлива европска дестинација. Општина Охрид останува посветена на зачувување, унапредување и меѓународна промоција на своето богато културно наследство, како и на активно учество во европските културни процеси, велат од Општина Охрид.
Во рамки на настанот, свое обраќање имаше претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, кој ја истакна важноста на ова признание и улогата на Охрид како „жива ризница на културно наследство и светилник на словенската писменост и духовност“.
Охрид, како духовна престолнина на словенството, со векови ја чува оваа светлина. Овој град не е само географска точка – тој е жива ризница на културно наследство, место каде историјата, верата и уметноста се преплетуваат во едно уникатно духовно искуство. Ова признание не само што ја потврдува нашата историска улога, туку и ја отвора вратата за нови можности за соработка, културна размена и одржлив развој. Оваа рута не е само патека на движење – таа е мапа на духовното и културното дејствување, која ги поврзува локалитетите, традициите и вредностите што ја обликувале Европа. Охрид, со своите манастири, цркви, археолошки локалитети и богато културно наследство, претставува клучна точка на оваа мрежа. Во таа насока, културниот туризам во Охрид се развива како автентично искуство – какопатување низ времето, каде секој чекор ја раскажува приказната за писменоста, верата и идентитетот. Посетителите не доаѓаат само да видат – тие доаѓаат да почувствуваат, истакна Божиновски.

Дозволете ми, во името на граѓаните на Охрид, да ја изразам нашата длабока посветеност за зачувување, негување и промоција на ова непроценливо наследство. Нашата визија е јасна – Охрид да продолжи да биде светилник на културата, знаењето и духовноста во Европа и пошироко, додаде во обраќањето Божиновски.
OhridNews












