Од Граѓанската иницијатива Охрид СОС реагираат околу, најавениот термин за одржување на јавна расправа за предлог-измените на планот за управување со националниот парк Галичица за период 2011-2020,закажана за 4-ти јануари.
– Ова се коси со сите постоечки домашни и меѓународни прописи за уредно консултирање на јавноста кога станува збор за добра од јавен интерес.На прагот сме да изгубиме три национални природни богатства со еден замав. Новите измени во Планот за управување со Националниот Парк Галичица подразбираат отстранување на досегашниот степен на заштита на најранливите подрачја на оваа планина со цел изградба на Ски-центар, експресен пат и туристичко-развојни зони на брегот на Охридското Езеро. Овие огромни градежни зафати во срцето на Галичица се закануваат да го уништат уникатниот биодиверзитет на Галичица, а домашни и странски експерти во повеќе наврати потврдија дека уништувањето на планината би значело и бавно уништување на Преспанското и Охридското Езеро – две од три природни езера во Р.Македонија,велат од Охрид СОС.
Оттаму потсетуваат дека,по учествувањето на јавната расправа одржана на 11-ти септември во просториите на ЈУНП Галичица, заедно со повеќе граѓански организации, испратиле свои коментари кон ревидираната стратегиска оценка на животната средина за предлог- измените во Планот за управување со Националниот Парк Галичица, но до сега немаат добиено одговор од надлежните институции.
– Сакаме јавно да прашаме дали можноста за коментари од страна на граѓаните е само сурова шега на наша сметка? Дали некој воопшто ги чита овие коментари? Или одлуките се однапред донесени без знаење на јавноста и во интерес на приватни интереси ,прашуваат од Охрид СОС.
Од Охрид СОС бараат итно поместување на временската рамка за консултации со јавноста и предлагаат истата да трае во период од 11.01.2016 до 11.02.2016 година,како и во најбрз можен рок да им биде испратен одговор во врска со доставените коментари до ЈУНП Галичица.
OhridNews