Донирани 60 книги од НУ Библиотеката „Григор Прличев“ во ЈЗУ Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања во Охрид. Како што информираат од Библиотеката се работи за веќе донирани книги со што се поттикнува отворањето на интерна библиотека во болницата.
Станува збор претежно за романи и драми од охридски роднокрајни, но и познати македонски писатели, посочуваат.
Донацијата на книгите беше по повод Светскиот ден на здравјето, а во посета на болницата беа директорката на библиотеката Христина Трпеска и библиотекарите Бети Лазеска –Симоноска и Милчо Јованоски од НУ Библиотеката „Григор Прличев“.
Директорката Д-р Билјана Теговска заблагодарувајќи се во име на болницата и сегашните и идни пациенти рече дека годишно во нивниот Оддел за рехабилитација поминуваат околу 1000 пациенти и ним книгите ќе им бидат добредојдени за квалитетно да го пополнат слободното време. Посочи дека болницата по реновирањето на одделот работи и на тоа да отвори посебно библиотечно катче, кое ќе му даде дополнителна топлина на болничкиот простор, информираат од Библиотеката.
OhridNews













