Светскиот ден на книгата и авторското право 23 Април, НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид утре и задутре ќе го одбележи со неколку настани. Имено, утре во 12 часот во Прличевата одаја ќе се одржи свеченост на која на најмладите и највозрасните читатели и најчитатели од детскиот одделот за возрасни ќе им бидат врачени благодарници.
Библиотеката ќе им се заблагодари и на околу 40 донатори на книги, а ќе бидат прочитани и светската и македонската порака во чест на празникот на книгата. Настанот ќе биде збогатен и со промоцијата на новиот пропаганден флаер со наслов „Библиотекар – професија која ве носи во светот на фантазијата“ и нов бележник на кој се поместени линковите со кодови за пристап до Фејсбук страницата, Инстаграм, веб страницата и посебен код кој води до правилата и придобивките од зачленувањето во Библиотеката, посочуваат.
Во чест на Светскиот ден на книгата и авторското право, информираат дека утре од 18 часот активностите продолжуваат во Охрид мол, каде ќе бидат доделени наградите од манифестацијата „Напиши стих – купи кафе“ и ќе се одржи промоција на романот за деца „Зима во продавницата за чудни миленичиња“ од Елена Обухова. Планирана е и креативна работилница во чест на книгата во организација на Охрид мол, Библиотеката и Елена Обухова од Почесниот конзулат на Руската Федерација во Охрид.
Во петок НУ Библиотека „Григор Прличев“ во чест на Светскиот ден на книгата ќе учествува на Саем на книгата во „Јахја Кемал“ – Струга, потенцираат.
Инаку, одлуката за одбележување на Светскиот ден на книгата и авторското право била донесена на Генералната конференција на УНЕСКО одржана во Париз во 1995 година. Овој датум се поврзува со Каталонскиот фестивал, годишнината од раѓањето и смртта на Вилијам Шекспир, како и смртта на Мигел де Сервантес.
OhridNews













