Со указ на претседателот Ѓорге Иванов, полковникот Мирче Ѓоргоски, кој е актуелен аѓутант во кабинетот на Врховниот командант е назначен за бригаден генерал.

Полковникот Ѓоргоски, е роден во Охрид. Своето воено образование го започнал во Воената гимназија во Белград, веднаш по завршувањето на основното училиште во Охрид. Воената Академија ја завршил како офицер на родот артилерија во Белград. Дипломирал на командно штабната академија „Генерал Михајло Апостолски” во Скопје, а високи одбранбени студии завршил на Одбранбениот Колеџ на НАТО во Рим.

Во текот на воената кариера извршувал бројни должности како командир на артилериски вод, батерија, командир на вод за обезбедување на претседателот, офицер за протокол, командант на питомечки баталјон, офицер за планови и началник на Канцеларија за односи со јавноста и портпарол на Генералштабот на АРМ. Во досегашната војничка кариера има завршено бројни курсеви во Германскиот Бундесвер и во НАТО, а учествувал и на воени вежби во Република Македонија и странство. Изминатите години како портпарол на Генералштабот на АРМ има дадено голем придонес кон изградбата на стандардите за односи со јавноста и транспарентноста на АРМ. Во текот на кариерата, повеќе пати е наградуван и пофалуван. Во октомври 2015 година со указ на Претседателот на Република Македонија е именуван за Аѓутант на Врховниот Командант на Вооружените сили на Република Македонија, Претседателот д-р Ѓорге Иванов.

Освен Ѓоргоски претседателот Иванов унапреди уште двајца старешини во повисоки чинови во македонската армија. Во чин генерал-мајор е унапреден бригадниот генерал Васко Ѓурчиновски, додека во чин бригаден генерал е унапреден полковникот Зоран Милески.

OhridNews