Синоќа Охрид покажа дека знае да препознае и да поддржи добар културен настан. Публиката се наврати и уживаше во прекрасните изведби на MTV хитовите од 80-тите и 90-тите од страна на членовите на Оркестарот DIVA.

Ми беше особено драго што проектот „MTV The Greatest Hits 80s & 90s” беше пречекан со толку многу енергија, внимание и искрена реакција од публиката. Овој концерт беше враќање во едно време кога музиката имаше поинаква тежина, кога видеоспотовите се чекаа, кога MTV беше дел од секојдневието и кога една песна можеше да стане спомен за цела генерација. Денес, кога MTV повеќе не живее во онаа форма во која сите го паметиме, ваквите проекти имаат уште поголема вредност, затоа што ја враќаат таа атмосфера таму каде што ѝ е местото: пред публика, во живо, на сцена. Охридската публика тоа го почувствува, вели уметничкиот раководител, Ѓоко Алоски.
Упатува благодарност до Оркестарот DIVA, диригентот Владимир Димовски, како и до извонредните изведувачи Ана Петановска, Полина Тасева, Бојан Стојков, Јасна Димитровска и Огнен Димовски, како и до директорот на НУ Центар за култура „Григор Прличев“, Горан Стојаноски за поддршката овој проект да биде претставен пред охридската публика.
Синоќа уште еднаш се потврди фактот кога културата е направена со вистинска идеја, квалитет и почит кон публиката таа секогаш знае да го најде својот пат, додава Алоски.
Н.С.Ј.
фото. Ивона Кочов




















