Денес по повод 9 мај Денот на победата над фашизмот во 10:30 часот, делегација на СБ од Охрид и Дебрца, општина Дебрца, здружение на ветераните од одбраната и безбедноста – огранок Охрид, здружение на резервни старешини и други, ќе положaт свежо цвеќе на споменикот во месноста Раштани кај село Белчишта.

Македонија за време на Втората светска војна беше на страната на антифашистичката коалиција. Во борбите против фашистичките окупатори, само од вардарскиот дел на Македонија, загинале 33.000 луѓе, вклучувајќи ги и преку 7.000 македонски Евреи, кои беа депортирани во концентрациониот логор Треблинка, Полска. Македонскиот народ во тие судбоносни моменти се определи против фашизмот , заедно со светската антифашистичка коалиција, за борба против ропството, борба за остварување на вековниот сон за национална слобода и своја држава, посочуваат.
Од Народноослободителната војна, додаваат, израсна грандиозното АСНОМ-ско дело, слободната македонска држава.
На Првото заседание на АСНОМ,се случи и вториот слободарски и победоносен Илинден, се реализираа вековните стремежи на македонскиот народ за добивање национална и социјална слобода. Достојно на антифашизмот и слободољубивоста на македонскиот народ, државното раководство на Федерална Македонија ја донесе најисправната одлука: учество на македонската војска во завршните операции за ослободување на Југославија и за конечно изгонување на фашизмот. Тоа истовремено беше и наш достоен влог во конечната победа на светската антифашистичка коалиција над најголемото зло – фашизмот.
Оттаму, истакнуваат, антифашизмот останува трајна наша обврска и долг за чување и натамошно унапредување на историските придобивки и вредности на Народноослободителната и антифашистичка војна, пиетет кон сите наши жртви во вековната борба за слобода на македонскиот народ, кон сите оние кои во Втората светска војна се бореа против фашизмот.
Тоа е наше трајно определување и долг. Затоа што времето покажа дека засекогаш не се уништени фашизоидните бактерии и нивната можност за мутација во неонацизам. Затоа денеска, повеќе од било кога со оглед на израснувањето на млади генерации без нужни историски предзнаења, нашето навраќање кон антифашизмот е повеќе од нужно. Организацијата на Сојузот на борците на Македонија, подзасилена од младите почитувачи и продолжувачи на слободарските традиции, беше и останува основен браник на нашиот антифашизам.
На новите генерации, додаваат, им следи обврската да бидат побројни, посмели во одбраната – за да им бидат рамни и да ги надминат претходниците.
OhridNews











