Реализацијата на програмите и буџетот за 2025 година предизвика бурна расправа на денешната осма седница на Советот на Општина Охрид. Советниците од опозицијата со став дека дел од програмите имаат добра реализација, но дека кај програмите за капитални инвестиции реализацијата е далеку помала. Од друга страна секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, истакна дека има зголемување и во остварувањето и во реализацијата на буџетот за 2025 година споредбено со минатата година.
Остварувањето на буџетот за 2025 година има промашување со некаде од триста и нешто милиони денари, односно биле предвидени две милијарди сто триесет и нешто милиони денари, а остварени се во трошковите милијарда и седумстотини и нешто милиони денари, односно за пет милиони евра помалку е реализирано од она што беше предвидено. Вака зголемениот буџет беше резултат на унгарскиот кредит кој што се додели од Владата на прв и втор повик, меѓутоа голем дел од проектите од вториот повик кој што требаше да се реализираат во 2025 година не се реализирани, посочи советникот Ванчо Костоски.
Анализирајќи го извештајот и завршната сметка на општината, може да се заклучи дека програмите наменети за спорт, култура, социјалните програми, програмите за невладините организации бележат реализација од преку деведесет отсто, а додека кај програмите за капитални инвестиции реализацијата е далеку помала, рече советникот рече советникот Јане Тодороски.
Никој не го оспорува значењето на претходно споменатите програми и нивната висока реализација. Напротив, доколку од нив имаат бенефит граѓаните и придонесуваат за развој на градот, не само што треба да продолжат да се стимулираат, туку таа поддршка треба и да се зголеми. Но бројките во извештаите покажуваат една ситуација на која треба сериозно да се осврнеме, а тоа е ниската реализација на капиталните инвестиции во однос на планираното. Сите знаеме дека капиталните инвестиции се тие што донесуваат долгорочен развој, подобрување на инфраструктурата, подобар животен стандард и напредок на градот, па затоа е многу важно проектите кои ги предвидуваме во буџетот и да се реализираат. Затоа сметам дека во иднина треба да се посвети поголемо внимание на реализација на овие капитални проекти, затоа што Охрид има потреба од повеќе реализирани проекти, а помалку нереализирани планови, додаде Тодороски.
Во однос на извештајот за реализацијата на Програмата за поттикнување на развојот на туризмот на општина Охрид за периодот од 01.2025 до 31.12.2025 година може да се види умерен раст на туристичкиот промет со околу 3,4% во однос на претходната година што е за пофалба, како и порастот од околу 10% на туристи кои што доаѓаат од странство, рече советникот Александар Блажески потенцирајќи дека треба да се стави акцентот на дигитализацијата.
Од друга страна извештајот покажува и неколку аспекти на кои во иднина треба да се посвети дополнително внимание. Иако туристичкиот промет бележи раст, приходите на таксата за 2015 година се нешто малку пониски во споредното со предходната година, што укажува дека има простор за подобрување во делот на дигитализацијата, но и во туристичките давачки. Податоците покажуваат и дека на територијата на општина Охрид сега имаме 1200 регистрирани станоиздавачи, при што само во 2025 година имаме 200 нови приватни станоиздавачи. Ова укажува дека сместувањето има значјно учество во туристичката понуда во градот, но истовремено наметнува и потреба од уште подобра организација, планирање, но и дигитализација на целиот туристички развој. Позитивно е што општината работи на подготовка на Стратегија за развој на туризмот за периодот 2025-2030 години, туристичката инфраструктура, промоција и развој на нови туристички производи. Сепак, од извештајот може да се забележи дека дел од планираните активности и проекти кои што ни беа посочени не се реализирани во целост и нивната реализација е префрлена за наредна година, односно за нареден период и затоа сметам дека во следниот период треба уште повеќе да се работи на поефикасна реализација на програмските активности, додаде Блажески.

Точно е дека ЕФА е реализирана 80%, 20% не се реализирани и наведено е во извештајот зошто и кои активности во 2025 година не се реализирани. Не е реализирано завршувањето на примарната канализациона мрежа во Горно Лакочереј каде останато е уште асфалтирање на делот кај што поминуваше канализацијата. Морам да кажам за жал за каналот што е пред управната зграда на Водовод имавме три конкурси и трите конкурси ни беа неуспешни, односно добивавме решенија кои согласно стручните служби на општината не одговараат на амбиентот и на рејтингот на градот Охрид. Само по тој основ не се реализирани безмалку дваесет милиони, што значи дека отприлика и дваесет посто нереализација на таа програма оди на овие два објекти. Во однос на проектите од повиците на Владата по првиот повик општината реализира шест од седумте проекти. Остана нереализирано само партнерното уредување на градските гробишта бидејќи треба да се направи атмосферска канализација. Асфалтирањето е започнато и очекувам дека главната улица до капијата до Велигден ќе биде и асфалтирана.
Од Вториот повик, посочува, кој беше распишан во август, а одлуките за одобрени средства беа донесени во септември општината интензивно работеше на спроведување на јавни набавки.
Во 2025 година од вториот повик на Владата дозволени средства во септември месец се реализирани во однос на склучување на договор од вкупно одобрените 17 проекти, тринаесет проекти. Четири проекти немаме склучено договори, бидејќи постигнатите цени во првиот повик беа повисоки од она што беше одобрено од Владата. Од тие проекти во 2025 година договорите беа склучени во ноември и декември, временски не постои можност да почне со реализација, па почнавме само со реализација на локалниот пат од Петрино до Караорман, додека сите други проекти останаа да се реализираат во 2026 година. Очекувам како што е и рокот дел од проектите да завршат во 2026 година, а проектите што се однесуваат за Скада системот да завршат во 2027 година. Значи, некое посериозно доцнење не постои. Не држи констатацијата дека капиталните инвестиции не се извршени. Во 2025 година Општина Охрид има приближно четириесет и еден километар локални патишта асфалтирано, единаесет илјади метра канализација и седум илјади метра водовод. Значи, цифри што не се мали и покажуваат дека сè она што било предвидено во програмите буквално е реализирано, освен ова што го кажав како забелешка дека не е реализирано, што од субјективни причини, што од објективни причини, потенцираше Иваноски.
Секретарот на Општина Охрид Алекснадар Китески истакна дека во завршената сметка во извештајот прецизно се наведени бројките околу остварувањето и околу реализацијата на буџетот.
Јасно е кажано и доколку направиме споредба со претходната година, можеме да кажеме доколку ги гледаме и апсолутните бројки, дека имаме зголемување и во остварувањето и во реализацијата. Меѓутоа исто така, добро е да се каже и тоа дека конечно Општина Охрид во своето финансиско работење прикажува и пренесен вишок од 2024 во 2025 година во износ од 251 527 705 денари или тоа е над 4 милиони евра, кој во минатото беше мисловна именка.

Во 2025 година имаме целосно ново основно училиште, имаме изградена спортска сала во Лескоец, која што официјално ќе биде пуштена во употреба во овој период. За катната гаража имаме одлука која веќе е правосилна, треба да се потпише договор, треба во секое време да се отпочне со изградба. Во однос на инфраструктурните проекти кои што се во тек тука е и реконструкција на плоштадот Крушевска Република, реконструкција на примарна канализациона мрежа Кленоец, реконструкција на локален пат до село Завој.. Сите овие активности кажуваат дека гледаме рамномерно секаде во сите делови од градот, сите населени места и села да се реализират проекти. Тие проекти се сите кои што произлегле од барањето на граѓаните, не се проекти кои што нас ни текнало дека треба да ги правиме. И добро е да има критики, се она што е добронамерно ќе го прифатиме и со уште позасилено темпо ќе продожиме понатаму, додаде Китески.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска














