Општина Охрид преку писмено соопштение реагираше на денешната прес конференција на општинската организација на СДСМ од Охрид.
-Продолжува циклусот прес конференции на СДСМ – Охрид, неинвентивни, безидејни, без концепт и програма. Продолжуваат чаршиските муабети на раководството на СДСМ – Охрид со податоци „извадени“ од ракав после некоја седенка во кафеана. Откако увидоа дека сите проекти кои што градоначалникот Бакрачески им ги вети на охриѓани се завршени или се во завршна фаза, а се создадоа предуслови и за отпочнување со градба на капиталните проекти, охридските социјалдемократи во паника, понесени исклучиво од чувството на силна љубомора и завист за сето добро што му се случува на Охрид, со празни пресови многу дена по завршување на Седницата на Советот на град Охрид ја замајуваат охридската јавноста. И сето тоа го прават со цел да ја затскријат сопствената неспособност да понудат нови добри проекти за Охрид како и да го прикријат нивното лошо владеење во периодот кога тие беа власт во градов. И наместо да зборуваат „празни“ муабети од СДСМ – Охрид подобро е да потсетат дека граѓаните на секаде околу нив гледаат реализирани или проекти во тек кои се за нивно и доброто на Охрид, стои во реакцијата на општина Охрид.
Во реакцијата се нагласува дека фразата „Збогум Никола“ која СДСМ ја употребува континуирано во своите прес конференции или соопштенија е потврда за нивната тотална неинвентивност и отсуство на нови идеи во пишување на соопштенија или одржување пресови.
-И додека СДСМ – Охрид продолжува да се занимава и да „труе“ со своите празни желби, бројните проекти се белег по кој граѓаните ќе го паметат мандатот на градоначалникот Никола Бакрачески, потенцираат од општина Охрид.
OhridNews