Општина Струга останува цврсто посветена на реализацијата на Коридор 8 како стратешки проект од особено значење за развојот на општината, регионот и државата беше посочено по одржаната јавната консултативна средба за делницата Требеништа – Ќафасан, организирана на барање на компанијата Бехтел и Енка.

Констатираме дека процесот на консултации е спроведен со значителни недостатоци, не овозможувајќи целосно информирање и реален простор за јавна дебата. Институционалниот став е јасен и недвосмислен: трасата на Коридор 8 треба да поминува низ Струга. Изразуваме целосна подготвеност за активен ангажман со сите капацитети, во соработка со надлежните институции и стручната јавност, со цел изнаоѓање на оптимално решение кое ќе ги усогласи развојните потреби и стандардите на УНЕСКО, потенцираат од Општина Струга.

Во текот на јавната расправа, велат, беа поставени прашања во врска со постоењето на договор за реализација на работите на територијата на Општина Струга, како и за роковите на реализација.

Претставниците на надлежните институции потврдија дека постои важечки договор со утврдени рокови за реализација. Во таа насока, веруваме дека во најкус можен рок, во соработка со релевантните институции и во согласност со препораките на УНЕСКО, ќе се дефинира јасна предлог-траса, која потоа ќе биде предмет на стручна анализа и јавна дебата, додаваат од Општина Струга.

Воедно потенцираат дека овој стратешки проект има директно влијание врз економскиот развој, инфраструктурната поврзаност и европската перспектива на државата и како таков претставува приоритет од високо значење.

Премиерот Христијан Мицкоски пред два дена на отпочнување на реконструкцијата на аеродромот во Охрид посочи дека проектот за автопатот Требениште – Струга – Ќафасан најверојатно ќе има измени.

Се бара начин како да се заокружи и таа целина зашто влегува во периметарот на УНЕСКО. Ќе најдеме начин како повторно да имаме безбеден сообраќај меѓу тие две отсечки. Во овој момент уште се преговара, разговара и не е донесена конечна одлука. Најверојатно тука ќе треба да имаме некакви измени, рече Мицкоски.

OhridNews