Општините да се здружат за менаџирање со отпад, да се заострат условите за издавање дозволи за управување со отпад и да се засилат инспекциските проверки, предвидува новиот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за управување со отпад, што вчера го усвои Владата, пренесува „Макфакс“.
„Со воспоставувањето законска обврска на општините за регионално здружување и управување со отпадот, пред сé, комуналниот отпад, на ниво на плански региони за управување со отпад, согласно Националниот план на РМ – се воспоставува законска обврска на општините за регионално здружување и управување со отпадот преку склучување на Спогодба со која ќе се регулираат сите прашања поврзани со функционирањето на соработката за заедничко решавање на работите во управувањето со комуналниот отпад на ниво на регион“, изјаву на прес конференција министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми.
Според него, ваквото здружување ќе овозможи побрзо и поекономично градење регионални системи за управување со отпад кои би се состоеле од регионални депонии или други капацитети за постапување со отпад како.
Ќе се воспостават и регионални тела за управување со отпад, како Меѓуопштински одбор за управување со отпад и Регионален центар за управување со отпад.
Со новиот предлог-закон се предвидува заострување на условите за издавање дозволи со цел спречување на нелегалната трговија со отпад. Измените се направени во системот на издавање дозволи за постапување со отпад.
„Променети се условите за локациите на кои се бара дозволата, односно истите треба да бидат лоцирани вон населено место (во зони со лесна индустрија), воведено е поставување на 24 часовен видео надзор за електронско следење на целокупниот тек на отпадот, се воведува и условот за обезбедување на финансиска гаранција или друго соодветно осигурување која ќе се користи за покривање на трошоците за отстранување на штетните последици и оправданите ризици настанати при управувањето со отпадот Со измените на законот се олеснуваат условите за одземање на дозволи“, рече Адеми.
Според досегашното законско решение, одземањето на дозволата можеше да се направи во случаите кога трипати во текот на три години ќе се повредат условите од дозволата, а со измените истите се намалуваат на двапати во текот на една година.
„Со измените на законот се воспоставува можност државниот инспектор да може да врши 24-часовен онлајн мониторинг над поставениот видео надзор кај операторите“, рече Адеми.
Казните, исто така, се заоструваат, а се проширува и основата за кривичното дело за недозволена трговија со неопасен отпад: со забрана за вршење на дејност во траење од најмалку 1 до 5 години, се дава можност судот да изрекува и споредна казна со која ќе се забрани издавање нова дозвола на истиот субјект кој го сторил кривичното дело во период од три години, како и стекната имотна полза прибавена со кривичното дело да биде конфискувана.
Исто така, се предвидува и усогласување со Законот за концесии и јавно приватно партнерство – новина е што во досегашното законско решение операторот на депонија за опасен отпад може да биде само јавно претпријатие основано од Владата.