Започна 52-от Општински натпревар по прва помош под мотото „Првата помош спасува животи“ во организација на Црвен крст Охрид. Почетокот на натпреварот беше означен од страна на  градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.

‎Особено ме радува што и оваа година натпреварот се реализира според европски стандарди, преку реалистични симулации и ситуации на повеќе локации низ Охрид. ‎Верувам дека Охрид и во иднина ќе продолжи да биде град кој ја негува хуманоста и солидарноста, рече Пецаков.

На натпреварот, стекнатите знаења и техники за укажување на прва помош ќе ги покажат повеќе од 200 ученици-натпреварувачи од основните и средни училишта од Охрид и Дебрца, организирани во екипи во категорија подмладок и категорија младина.

И оваа година на општинскиот натпревар по прва помош ќе се применуваат критериуми и стандарди кои се спроведуваат при одржување на европските натпревари по прва помош. Во таа насока, натпреварувачите, но и посетителите на овој настан, на повеќе пунктови низ централното подрачје на градот Охрид, вклучувајќи го Кеј Македонија, Билјанини Извори и други, ќе бидат сведоци на симулирани случки на несреќи, изведени од членовите на актерските групи на Црвен крст Охрид, како и реалистички приказ на повреди, подготвени од посебно обучени шминкери за повреди на Црвен крст Охрид, посочуваат.

За регуларноста и оценувањето на натпреварувачите ќе се грижат 20 судии за прва помош на Црвен крст Охрид.

OhridNews