Со свечена церемонија, со која чиноначалствуваше неговото блаженство, поглаварот на МПЦ и Архиепископ Охридски и Македонски, Г.Г. Стефан, денес во новиот парк во Ново Лисиче, општина Аеродром-Скопје, беа осветени темелите на новата црква посветена на Свети Јован Крстител, што ќе се гради со целосна донација на градежната компанија АДОРА Инженеринг-Скопје.

Целта на ктиторот проф. д-р Ванчо Чифлиганец, генерален менаџер на АДОРА Инженеринг, е компанијата која е еден од поголемите инвеститори во Македонија и најголем од домашните и странски инвеститори во општината АЕРОДРОМ, со обртни инвестиции од 60 до 70 милиони евра, за станарите во згради на АДОРА и за сите жители од православна вероисповед во Аеродром и Скопје, да подигне свет храм за верските и духовни потреби и празнични прослави.

Архиепископот Охридски и Македонски Г.Г. Стефан истакна дека локацијата е идеална за подигнување на црква, која  почнува да се гради на празникот  Трето  наоѓање на главата на Свети Јован Претеча Крстител, до реката Вардар, Македонскиот Јордан.  “Храмот ќе ги грее душите на верниците и затоа порачувам да се множат ваквите проекти, кои со помош на ктиторите, како што е семејството Чифлиганец, ќе ги исполнат со нови светилишта празните простори во Скопје, што  не треба да наликуваат на пустина.“- порача поглаварот на МПЦ, Г.Г. Стефан. 

– Во изминатите години најмногу инвестиравме во модерната урбана општина Аеродром во Скопје, каде изградивме три елитни станбено-деловни објекти, а сега почнуваме уште пет згради, каде ќе живеат околу 500 семејства. Како општествено одговорна компанија, која постојано донира и остава  дела за пошироката заедница, овој свет храм Свети Јован Крстител им го подаруваме и посветуваме на сите жители на Аеродром, граѓани на Скопје и Македонија. Со оглед на намерата и намената, црквата нема цена. Ние за нејзино подигнување ќе инвестираме околу 10 проценти од добивката на АДОРА Инженеринг во 2011 година, или од 300 до 500 илјади евра. Но, најважно е што станарите во нашите згради и сите жители на Аеродром, ќе добијат свое свето место, изградено од  камен, според црковните канони, за духовно и верско исполнување, каде ќе бидат под закрилата на Господ Бог и Свети Јован Крстител.- порача ктиторот проф. д-р Ванчо Чифлиганец, ген. менаџер на АДОРА Инженеринг, инвеститор и донатор на на црквата, кој очекува таа се изгради за околу седум месеци и да биде осветена на патрониот празник Свети Јован Крстител, 20 јануари 2013 година.

На свеченото осветување на темелите на новата црква, присуствуваа градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски, директорот на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам,  Сашо Дуковски, претседателката на владината комисија за односи со верските заедници, Валентина Божиноска и многу гости.

OhridNews