На 25 и 26 април во манастирот  „Св. Великомаченица Недела“ во селото Оровник ќе се одржи молитвено торжество и поклонување на светите мошти на Св.вмч.Недела.

Овој свет чин кој има силно духовно значење за православните верници во регионот се реализира на иницијатива на фамилијата Нелоски од село Оровник, црковниот одбор на манастирот „Св. Недела“ и со активна поддршка и организација на свештенството од Дебарско-кичевската епархија, а со благослов на митрополитите г. Георгиј и г. Петар, вели отец Љупчо Бакрачески.

По информација дека моштите од Светата Великомаченица Недела се донесени во Битола првично имавме идеја да одиме да се поклониме на моштите на Светителката во Битола. Меѓутоа на наша голема радост и задоволство, на Оровник и околните села, како и Општината Дебрца, со благослов на нашиот митрополит г.Георгиј, добивме благослов да дадеме уште поголемо значење и да ги донесеме моштите во сабота тука и да организираме богослужба. На наше големо задоволство, и во мое име и од братството при храмот Света Богородица Каменско, покрај нашиот Митрополит ги имаме и високите црковни претставници Митрополитот Преспанско – пелагониски г.Петар и Епископот Хераклејски г.Климент, вели отец Бакрачески.

Посочува дека е организирана литија со сите можни црковни протоколи, за што упатува благодарност до сите кои активно се вклучиле и во процес на подготовки, но и на оние кои ќе се во самиот чин на литијата.

Ќе се свират црковни и свечени маршеви, а ќе земе учество и црковниот хор кој ќе ги пее тропарот на Света Недела, Христос Воскресе, и во моментот кога ќе стигнеме во манастирот ќе ги положиме на означено место моштите и иконата на Светата Великомаченица Недела и од тој момент до доцните вечерни часови моштите ќе бидат тука. Секој што е во можност да дојде и да се поклони, а и да присуствува на вечерната богослужба и утредентата на светата архоерејска литургија да земе активно учество во самиот настан да добие една вистинска духовна димензија како што и заслужува Светителката да и се оддаде почит, вели отец Бакрачески.

Воедно упатува апел во име на свештенство сите да присуствуваат на овој свечен настан и да земат активно учество и молитвено.

Да дојдеме сите да присуствуваме на светите богослужби, да се поклониме достојно пред Светителката, да измолиме таа да измоли пред Бога мир, благосостојба за ова село, за целата охридска околина, нашата држава, за целиот православен христијански свет, а и за сите и засекаде, додава отец Бакрачески.

OhridNews