Студенчишкото блато, нераскинлив дел од еко системот на Охридското Езеро и едно од најзначајните природни живеалишта во Охридскиот регион под заштита на УНЕСКО, наместо да биде пример за зачувана природа, сè почесто е симбол на ниската еколошка свест и институционалната негрижа.
Иако е под привремена заштита и во тек е постапка за прогласување за заштитено подрачје од категорија IV – Парк на природата, блатото е „нападнато“ од отпад – пластика, амбалажа и најразлични остатоци кои директно го загрозуваат живиот свет.
Апсурдoт да биде поголем, веднаш до информативната табла што укажува на неговото значење, се таложи ѓубре кое сведочи за ниската еколошка свест.
Пролетта го врати животот во блатото, но заедно со водата од езерото, се врати и сликата на негрижа. Наместо птици и биодиверзитетот да бидат во прв план, доминира човечкиот отпад, што е јасен показател дека проблемот не е само еколошки, туку и културолошки.
Студенчишкото блато не е само локален ресурс, туку дел од светско природно наследство. Но, без повисока свест кај граѓаните и конкретни мерки од институциите, неговата иднина останува под сериозен ризик.
OhridNews


























