На ридовите над изворот Шум регистриран фрлен угинат коњ што предизвика сериозна загриженост за животната средина и јавното здравје. Ситуацијата дополнително беше алармантна поради врнежите од дожд, бидејќи атмосферските води можат да пренесат токсини и опасни материи од угинатото животно кон изворот на вода, создавајќи потенцијален ризик од загадување на водите, велат од Општина Струга.

Веднаш по добиената информација за случајот, градоначалникот на Струга упати повик до надлежните инспектори и полицијата да излезат на терен и да ги преземат потребните мерки. Надлежните најавија дека против лицето или лицата кои го извршиле овој неодговорен чин, полицијата ќе ги преземе потребните законски мерки. Овој случај повторно ја отвора итната потреба за поголема свест и одговорност кон природата и јавните простори. Фрлањето угинати животни на отворени површини и во близина на водни извори не е само неодговорен чин, туку и директна опасност за јавното здравје и животната средина, велат од Општина Струга.
Директорот на ЈП Водовод и Канализација Струга Јованчо Мечкароски потенцира дека изворите не се во опасност бидејќи веднаш се пристапило кон отстранување на животното.
Ваквите појави говорат за нас самите и тоа каква ни е совеста. Веднаш беа известени официјалните инспекциски служби и угинатото животно беше тргнато. Апелирам до институциите соодветно да одговорат и казнат на тие ова што го предизвикуваат. Изворите не се во опасност бидејќи веднаш се пристапи кон отстранување на животното. Во моментов градот Струга се снабдува од Горно Беличките извори со доток од 380 л/с и матност од 0.6 NTU, водата е соодветно третирана. Сите овие појави воопшто нема да не померат и исплашат од целта која што сме ја зацртале како ЈП Водовод и Канализација за сигурно водоснабдување, додава Мечкароски.
OhridNews













