Во последно време, со оглед на секојдневните животни како и професионални искуства од една страна, но уште повеќе предизвикана од актуелните општeствено-политички збиднувања од друга страна, се повеќе и повеќе размислувам на оваа тема.

Одговорност значи дека секој треба да одговара за своите постапки и поведение, лично, професионално и институционално.

Лична одговорност виза ви морален суд!
Сите ние лично одговараме пред околината за своите постапки. Така на пример одговорно треба да се однесуваме кон семејството, да се грижиме за своите деца правилно да ги воспитаме, да се грижиме и да ги почитуваме родителите бидејќи тие се најзаслужни за она што сме ние денес. Да им посветиме внимание на најблиските, да ги негуваме пријателствата со големо внимание, грижа и почит бидејќи фамилијата ни е од Бога и треба да ја почитуваме, но пријателствата ни се лично благо и истите треба да ги чуваме, негуваме, продлабочуваме.

Се поставува прашањето како, бидејќи секојдневно сме сведоци на се поголема неодговорност кон децата, родителите, фамилијата, пријателите. Особено иритира фактот што се помалку и помалку не има нас кои од петни жили се обидуваме да бидеме одговорни. Дури за жал се претворивме во лош пример бидејќи сме исмеани, етикетирани како прости, глупави и слично. Замислете а другиве демек се факмани, итри, паметни. Одговорот на прашањето како е – со сопственото поведение да бидеме позитивен пример за нашите деца да се изградат во одговорни личности. Иако не има се помалку и помалку, колку сме толку сме, доволно сме. Ќе се бориме. Не дека сме совршени, не дека нас не ни се случило да не згрешиме, на пример да не кренеме телефон. Но грешките секогаш да се трудиме да ги исправиме, телефон ако не сме кренале сега ќе се јавиме подоцна зошто од икс причини тоа може на секого да му се случи. Но, кога тоа ќе премине во навика тука веќе нема спас.

Професионална одговорност извор на раст и развој!
Професионалната одговорност е основа за опстанок, раст, развој и унапредување на бизнисите. За жал и тука спаѓаме во ретки видови. Во услови на нездрава конкуренција, несоодветна, неимплементирана или непостоечка регулатива тоа е исклучително тешка и Сизифова борба. Но моето начело е борете се драги мои, бидете упорни и истрајни. Многу е тешко, понекогаш дури и очајно, но сепак на крајот на краиштата ако сте одговорен професионалец тоа не може никој да ви го одземе. Клиентите тоа ќе го препознаат и плодовите, можеби подоцна, но сепак ќе дојдат.

Институционална одговорност – камен на сопнување и рак рана на нашето општество!
Стигнавме кај најчувствителниот дел каде индивидуалното влијание е незначително. Сите ние секојдневно се повеќе се соочуваме со се поголема и поголема институционална неодговорност. Таа во поново време зазеде мегаломански размери. Законодавната и извршна власт стана пример за самоволие и неодговорност. Оние кои требаше да го воспостават правниот поредок како синоним на правна држава ти биле носители на мегаломански рекет како никаде во светот. И на очиглед на цела јавност мува не ги лази, некаков си фантомски чадор ги штити.

Мислам, драги мои, дека дното е достигнато. Ајде сите заедно да кажеме стоп на ова дно зошто подолу од ова нема каде. Верувам дека се’ уште во оваа држава има честити, племенити, одговорни луѓе, кои си го сакаат ова бесценето парче земја и ќе дадат се од себе за доброто на државата и нацијата. Е сега некој ќе рече каде се тие луѓе, ги нема. Одговорот е едноставен. Тука се, меѓу нас, далеку од рацете на ситнопартиските интереси. Лично познавам десетици такви. Верувам и вие познавате многу такви. Ајде да се избориме еднаш и засекогаш вистинските луѓе да седнат на вистинските места во нашите институции и народот навистина да си ја земе судбината во свои раце.

Јас сум за ОДГОВОРНОСТ, а вие?!

Искрено ваша
Наташа Спасеска

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите