Во инцидентот што се случи изминатиот викенд на шеталиштето после каналот „Студенчишта“ во кој параглајдер за влакно избегна минувачи и удри во канделабра, неофицијално, се инволвирани странски државјани, дознава Охридњуз.
Извори упатени во истрагата велат дека пар дечко и девојка бил забележан од домашни параглајдеристи на Галичица на кои наводно им кажале дека имаат желба сами да направат лет со параглајдер. Исто така наводно, парот зборувал на германски јазик. Сомнежи дека е можно странци да биле инволвирани во инцидентот, изразија и други лица од надлежни институции со кои разговараше Охридњуз.
По инцидентот парот параглајдеристи ја собрал својата опрема и го напуштил местото на настанот кој бил пријавен во полиција многу подоцна од времето кога се случил, дури откако на лице место излегле претставници на надлежни општински служби и на компанијата која стопанисува со осветлувањето во Охрид.
Тоа го потврдуваат и информациите наведени во полициското соопштение во кое се наведува дека инцидентот се случил во 14 часот, а бил пријавен 7 часа подоцна.
На 26.04.2026 во 21:05 часот во СВР Охрид е пријавено дека околу 14:00 часот две лица со параглајдер се спуштиле на пешачката патека после каналот „Студенчишта“ во Охрид, по што паднале на плочникот. Притоа, дел од опремата на параглајдерот ја зафатила електричната канделабра поставена на централниот дел од патеката која се скршила и паднала на пешачката лента. Во СВР Охрид, до овој момент нема пријава за повредени лица, а во консултација со јавен обвинител, се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти полицијата.
Како што дознаваме, на разговор во полицијата повикани се параглајдеристи кои легално организираат летови над Охрид, а проверувана била и нивната опрема. Кој стои зад инцидентот, има ли осомничен, ќе сноси ли некој евентуално одговорност за направената штета, засега информации од релевантните институции нема, како што нема и официјална потврда дали сторителите се странски државјани и доколку се, дали тие се се` уште во земјава.
Инаку, ова не е прв инцидент со параглајдер во Охрид. Во 2009 година две лица беа повредени при неуспешно слетување на руски параглајдеристи во Љубаништа. Следната година параглајдерист повреди капач на истата плажа, во 2019 година Американец падна врз возило, а минатата година млад летач удри во канделабра на шеталиштето кај Студенчишко блато при обид да слета на слетиштето кое официјално им е дадено на користење на регистрираните параглајдеристи кои организираат летови над Охрид.
Проблем е тоа што слетиштето кое ни е доделено за слетување во Охрид во близина на Езерската полиција и тренинг центарот на вода на АРМ во Охрид, не е безбедно. Ние ја претставуваме Македонија насекаде, а туристите кои постојано не ангажираат ја пренесуваат приказната за убавините на Охрид низ целиот свет, но нам ни треба безбедно место за слетување и вежбање, истакнаа тогаш искусни параглајдеристи.
За проблемот, посочуваат тие, се запознаени сите релевантни институции во земјата, изразувајќи надеж дека државата ќе преземе соодветни мерки и ќе изнајде решение, дотолку повеќе што се работи за безбедност не само на летачите, туку и на луѓето воопшто.
Граѓаните, пак, со право се загрижени за својата сигурност и бараат надлежните институции веднаш и неодложно да изнајдат соодветно решение за проблемот, односно да изнајдат безбедно место за слетување на параглајдеристите кои се дел од туристичката понуда на Охрид и своевидна атракција.
Г.М.
Фото: Архива Охридњуз
















