За десетина дена ќе започне изградбата на катната гаража, додека плоштадот „Крушевска Република“ треба да биде оспособен до почеток на туристичката сезона, изјави денес градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
Топ приоритет на граѓаните беше изградбата на катната гаража во сите овие изминати десетина години. Од сега за десетина дена започнува нејзината изградба. Големо олеснување со оглед на тоа што се работи за паркирање во самиот центар на градот, односно на десет метри од Старата чаршија. Имавме успешен тендер, така да започнува официјално изградбата на катната гаража во Охрид. Со истата ќе стопанисува јавното претпријатие „Градски Пазар“ затоа што се наоѓа во моментов на паркинг кој што го стопанисува ова претпријатие, рече Пецаков.

Активно, вели, се работи и на реконструкцијата на просторот околу плоштадот „Крушевска Република” со која се предвидува плоштадот да добие нов и модерен изглед, со нова урбана опрема, канделабри, осветлување со лед светилки, фонтана, садници и клупи, канти за отпадоци.
Тоа што за нас е битно е динамиката и рокот за изградба. Врз основа на она што го гледам на теренските активности и како се изведува, се очекува пред самиот почеток на туристичката сезона да имаме еден вид на нормализирање на ситуацијата и нормален пристап и на граѓаните, меѓутоа и на сите оние коишто сакаат да уживаат во Охрид, а тоа и беше наша цел како локална самоуправа. Реконструкцијата на плоштадот „Крушевска Република“ е со општински средства, односно самата општина го финансира овој проект, рече Пецаков.



Н.С.Ј.
фото. А. Момироска














