На 13 мај, на 79-годишна возраст, почина Живко Георгиевски, доајен на охридското и македонското новинарство, кој целиот професионален ангажман го помина низ медумската мрежа во Македонија и во поранешната Југословенска федерација.
Почетоците во новинарството му се поврзани со младинската редакција на Радио Охрид, а по завршувањето на студиите во Белград, тука ја започнал професионалната кариера како новинар, уредник, а подоцна и директор. Во негово време Радио Охрид станува угледна медиумска куќа каде што својата кариера ја граделе скоро сите значајни новинарски имиња од пошироката околина на Охрид и Струга.
Подоцна станува дописник на Танјуг, а патем соработува и со поголем број на југословенски медиуми. Својата професионална кариера ја продолжил како дописник од Индонезија, односно од Џакарта, известувајќи за збиднувањата од оваа држава, како и од цела Југоисточна Азија.
По враќањето во земјава е раководител на редакцијата на Танјуг од Македонија, а пред распадот на СФРЈ го формира Македонското прес биро, кое е предвесник на Македонската информативна агенција. Подоцна станува и нејзин директор, а по завршувањето на мандатот останува во МИА се до неговото пензионирање.
Колегите го паметат како исклучително интересна личност, дружељубив, широкоград за сите, шегобиец, со високо истенчен осет во мајсторијата на градење – вести, еден од најтешките новинарски жанрови. Георгиевски беше еден од ретките пера кој и во социјализмот успешно држеше до професионалните стандарди на новинарството.
Погребот на Живко Георгиевски ќе се одржи денес, 15 мај, од 12 до 12:30 часот на градските гробишта во Охрид.
OhridNews














