Денес беа реализирани симулациски показни вежба за евакуација и спасување според соодветно сценарио за случена елементарна непогода, во ООУ „Братство Единство“ во Охрид и тоа во објектот „Крст Џамија“ и во објектот „Лескајца“.

Директор на училиштето Џемал Мехмед вели имаат законска обврска на секои две години да реализираат вежби за евакуација при елементарни непогоди во соработка со сите надлежни институции како ТППЕ, Брза помош, Црвен крст, СВР Охрид.

Денеска се спроведе показна вежба за евакуација при пожар. Помина одлично, децата навистина сочувствуваат со целиот настан, баа возбудени и истата помина во најдобар ред. Ваквите вежби се многу важни и треба многу почесто да се практикуваат за да научат децата како да реагираат во било каква неповолна состојба. Централниот објект на ООУ „Братство Единство“ на улицата „7-ми Ноември“ од сите страни има патишта, но често бидејќи е централно градско подрачје се создава гужва, односо метеж во сообраќајот. Задниот дел, односно северниот влез на училиштето на некој начин е отворен, додека предниот двор, иако има обележана врата, нема соодветно сообраќајно решение. Апелирам истиот да се среди и да се стави во функција влезната врата од предниот дел на училиштето, вели Мехмед.

Во поголем дел од училиштата веќе се реализирани показни вежби согласно нивните обврски и законски обврски, и нашата добра волја да излеземе во пресрет сите институции да ги организираме и да покажеме преку вежби како се врши евакуацијата и како треба да постапат сите ученици и вработени, вели претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

Остануваат уште неколку образовни институции. Вакви вежби реализиравме и во дел од приватните компании, како Костал, Магна, ОДВ, ЛТХ Леарница… Значи тоа се компании коишто сакаа да го увежбат планот за евакуација и тоа го направивме. Целта на вежбите, покрај увежбување како да се реагира при елементарни непогоди е и да се воочат одредени евентуални недостатоци во објектите, односно во спроведување на планот за заштита и евакуација и спасување и тие евентуални недостатоци да се надминат. Предизвик се старите згради. Луѓето се на некој начин опуштени, не се сконцентрирани. Не зборувам за луѓето само во училиштето, зборувам за институциите. Еве овде имаме голем предизвик во ООУ „Братство единство“ кај Крст џамија, каде што не сите влезови за интервенција во школото, значи влез зборувам во поширокиот опсег на школото, функционираат. Имаме влез од кај улицата „7-ми Ноември“ кој воопшто не е функционален, пред него има паркинг. Мора овој влез да се оспособи. Апелиравме и пред две години и ништо не е направено, стои така. Не дај Боже во реална ситуација, навистина ќе биде многу проблематично, потенцира Точков.

Во поглед на тоа колку се постапува по извештајот кој се изготвува со евентуални забелешки по завршување на вежбите вели дел од училиштата постапиле, дел не постапиле и апелира до надлежните пристапите до училиштата да бидат обезбедени за да можат службите да дејствуваат во случај на потреба.

Н.С.Ј.