Охрид и охридско се подготвуваат за големо молитвено торжество – верници, свештенство и високи црковни великодостојници ќе учествуваат во историскиот чин.

За прв пат во манастирот „Св. Великомаченица Недела“ во селото Оровник, Охридско, на 25 и 26 април ќе се одржи величествена литија и поклонение пред моштите на Светата Великомаченица Недела – настан кој има силно духовно значење за православните верници во регионот.

Овој свет чин се реализира на иницијатива на Црковниот одбор при манастирот „Св. Недела“ во Оровник, со активна поддршка и организација на свештенството од Дебарско-кичевската епархија, а со благослов на митрополитите г. Георгиј и г. Петар.

Подготовките за настанот траат подолг период и се во завршна фаза, со силен ангажман на локалната заедница и црковните структури.

Светите мошти, кои специјално за оваа пригода со верски ритуал ќе бидат донесени од храмот „Света Недела“ во Битола, ќе бидат пречекани на 25 април во 17 часот пред црквата „Св. Илија“ во Оровник. Оттаму ќе започне свечена литија со иконата и моштите, која ќе се движи до манастирот – чин што се очекува да обедини голем број верници од Охридско и пошироко.

Истиот ден во 18 часот ќе се одржи вечерна богослужба, а предвидена се и културно-уметнички содржини која ќе почне во 19:30 часот. Централниот духовен настан ќе биде следниот ден, кога ќе се служи утринска света архиерејска литургија во 7:30 часот, во присуство на високи претставници на Македонската православна црква.

Света Великомаченица Недела е почитувана христијанска маченичка од III век, симбол на непоколеблива вера и духовна истрајност, која страдала за Христа и оставила силно сведоштво што и денес ги инспирира верниците.

Манастирот „Св. Недела“, сместен над селото Оровник, со децении претставува место на силна духовна традиција и собиралиште на верници, особено на празникот посветен на светицата. Овојпат, со носењето на нејзините мошти, традицијата добива нова димензија.

Поклонението пред моштите на Светата Великомаченица Недела, која во православната традиција се почитува како симбол на вера, истрајност и жртва, ќе биде можност за духовно воздигнување на верниците.

Манастирот „Св. Недела“ во Оровник, е изграден во 1990-тите години на место со вековна духовна традиција и познат извор со лековита вода. Дел од моштите на светицата се чуваат во храмот „Света Недела“ во Битола, од каде и ќе бидат донесени во Оровник за ова свечено поклонение.

Овој прв ваков настан во Оровник не е само религиски чин, туку и потврда за живата вера и почитта кон традицијата што со векови се негува во Охридскиот крај, создавајќи духовно наследство што обединува генерации.

OhridNews