Поставен e видео надзор на повеќе критичните локации каде континуирано подолг период се создаваа диви депонии и секое прекршување на Законот за јавна чистота ќе биде соодветно санкционирано, информираат од ЈП Охридски Комуналец.

Во изминативе 10 дена оперативните служби беа максимално ангажирани во справување со последиците од неодговорното однесување на поединци кои не размислуваат што оставаат зад себе ослободувајќи се од непотребниот отпад од своите домови. Грди слики од нелегално депониран отпад во населба Даљан, локалитет Лабино, селата Рамне, Трпејца, Косел, Подмоље и многу други локации. Овие слики не’ трогнуваат сите нас останатите, како може нечија негрижа кон животната средина да создаде услови со долгорочни последици и да го наруши нормалното функционирање во секој сегмент од животот, посочуваат од претпријатието.

Од горенаведените локации, велат, со вонредно ангажирање на човечки ресурси и механизација се подигнати 164 м3 кабаст и зелен отпад и градежен шут.

Охрид, нашиот најголем духовен и туристички центар, заслужува чиста и уредена животна околина која ја делиме сите ние, велат од ЈП Охридски Комуналец.

OhridNews