Ракометната школа Сани 14 која работи по теркот на Ракометниот клуб Металург имаше успешен викенд во Скопје победувајќи на шест од седум натпревари со различни генерации во втората рунда од мини-лигата од Металург.
Генерацијата 2006/7 во првиот меч славеше со 19-4 против Ракометната школа Макалоски, во вториот победа извојува над екипата Колибри 15-8, додека во третиот со убедливи 23-8 го совлада тимот на Репро 21. Ракометарите родени 2004 и 2005 година триумф забележаа над ПГО 18-10, а потоа го совладаа тимот на Нова Македонија со 19-4. Успешниот настап на охриѓани го комплетираа најмладите (2008 и помали) кои победија над Ханбал Стар со 7-1, а пораз претрпеа од Дуферко (19-7)
– Одлично организирани турнири на кои децата можат да научат многу од ракометот. Навистина уживаме на овие турнири, а децата одвај чекат да дојде денот кога ќе се оди за Скопје. Ова е одлична можност да се стекнат многу нови пријатели, но и можност да се одиграат по неколку силни натпревари со екипи од неколку градови на Македонија, низ кои натпревари може да се види до каде сме и колку сме напреднати. – изјави Александра Џамтоска.
Во мини-лигата на Металург се натпреваруваат екипи од повеќе градови, а во иднина домаќин на едно цело коло ќе биде и охридската ракометна школа.
OhridNews