Пожарот на депонијата Буково за кој деновиве алармираа граѓани, а вчеравечер доби на интензитет е локализиран и се работи на негово целосно гасење. Директорот на ЈП „Охридски Комуналец“, Сашо Најдески вели направено е стабилизирање да не може да се шири пожарот, меѓутоа има големи количини на природен гас, метан кој гори.
Интервенираа и вчера и изминативе денови екипи на Територијалната противпожарна единиица Охрид и Ј.П. „Охридски Комуналец” со употреба на специјална механизација, цистерна со вода, како и посипување со земја. Посипана е земја во количина од над 400 м³, со цел целосно гаснење и спречување на повторно разгорување на пожарот. Меѓутоа состојбата е непредвидлива, природниот гас тлее одвантре и во допир со кислород се самозапалува. Ќе продолжиме тековно со интевенција до целосно гаснење на пожарот, посочува Најдески.
Проблемот со депонијата Буково, вели, е што таа постои веќе повеќе од 55 години и со текот на времето се наталожиле огромни количини отпад.
Поради распаѓањето на отпадот се создаваат природни гасови, особено метан, кој е лесно запаллив и настануваат пожари. Поради овие причини, најсоодветно решение е затворање на депонијата Буково и отворање на нова регионална депонија која ќе ги исполнува современите еколошки стандарди и ќе овозможи побезбедно и поефикасно управување со отпадот, додава Најдески.
Инаку, депонијата Буково требаше да биде затворена уште во 2020 година, но истата се уште е во употреба, бидејќи се чека да почне со работа регионалната депонија во Новаци, каде ќе се одлага отпадот од Југозападниот и Пелагонискиот регион.
Н.С.Ј.















