Шефот на македонската делегација при Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ), Александар Николоски, на денешната пленарна сесија побара да биде отворен дијалог со Грција за следење на нејзините обврски како членка на Советот на Европа, пренесува „МИА“.
– Дали земјите кои не се следени со процес на мониторинг, треба помалку да ги почитуваат нормите од другите, праша Николоски во дискусијата за процедурата за следење на обврските на земјите членки на Советот на Европа.
Тој додаде дека Грција, не ги почитува малцинствата, оти тие немаат можност да го практикуваат својот јазик, да ја негуваат својата култура и обичаи. Во извештајот на комесарот за човекови права на СЕ Томас Хамамберг од 2011, рече, јасно беше нагласено дека албанското, турското и македонското малцинство немаат никаква можност да се развиваат, бидејќи Грција не ги почитува националните малцинства.
Според шефот на македонската собраниска делегација, македонското малцинство, кое живее на северот од Грција, не го ужива правото, кое теоретски треба да биде брането од Советот на Европа. Грција, рече, не ги следи препораките на СЕ, ниту тие на Европскиот Суд за Човекови Права.
– Грција на пример не ги има ратификувано Протоколот 12 од Европската конвенција за човекови права, рамковната конвенција за малцинските јазици, Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, конвенцијата за борба против трговија со човечки суштетства, Социјалната повелба, ниту конвенцијата за борба против организиарниот криминал, тероризмот и одземањето на производи од криминалот. Грција ги игнорира пресудите на Европскиот суд за човекови права. Се повеќе и повеќе има екстремисти во Грција, екстремистички партии го користат падот на традиционалните партии. Очигледно историјата на нашиот континет беше заборавена, рече Николоски.
Тој притоа побара Комисијата за следење на обврските на земјите членки на ПССЕ да се повика на членот 2 од внатрешниот правилник и да го отвори следењето на Грција, со оглед на, како што рече, резултатите на изборите и отсуството на ратификација на значајни текстови на СЕ, и особено поради фактот што во 21 век една земја не ги почитува правата на малцинствата.
Евентуалната одлука за отворање на мониторинг за Грција може да ја донесе соодветната Комисија на ПССЕ, ако тоа биде побарано од повеќе членови негови членови, пишува „МИА“.