Застарена инфрастуктура, ограничени капацитети на општините и јавните комунални претпријатија, недоволната координација на национално ниво, како и дефицитот на млад кадар се предизвиците со кои се соочува комуналниот сектор, беше потенцирано на денешниот настан „Денови на АДКОМ – Денови на комунални услуги“ во организација на Здружението на даватели на комунални услуги кој се одржа во Охрид.

Во насока на подобра ефикаснот и одржливост на водните ресурси како едно од можните решенија со кои ќе се задоволат и стандардите на Европската Унија беше посочен моделот на кластеризација, односно спојување на повеќе мали јавни комунални претпријатија во едно поголемо. Беше потенцирано дека како земјата напредува во пристапните преговори со ЕУ ќе треба да се исполнат строги еколошки стандарди, како и стандарди за испорака на квалитетни услуги, што бара не само големи инвестиции во инфраструктурата, туку и голем и силен оперативен технички и финансиски капацитет на сите даватели на водните услуги. Во нашата земја водоводните услуги ги обезедуваат голем број на помали општински претпријатија, често со ограничени финансиски ресурси, технички кадар и инвестициски капацитети.

Очекувањата на Европската комисија се и ние да влезе во чекор со земјите кои се членики на ЕУ и веќе да имаме едни јавни претпријатија со добар институционален капацитет, финансиски одржливи и претпријатија кои конечно ќе имаат можност за апсорпција на странски средства, рече Ане Лашкоска, заменик министер при Министерството за животна средина и просторно планирање.

Од нас во идниот период се очекува структурата со кои управуваат овие јавни комунални претпријатија веќе да биде силна и стабилна, да има професионален менаџмент и да го надминеме проблемот со припремање на големи инфрастуктурни проекти, тендери… За жал, не само јавните претпријатија, локалните самоуправи, туку и државата се повеќе се соочува со недостиг на ваков стручен кадар и затоа е пристапено кон овој проект кој го работиме со Европската Комисија и се разгледува примерот за кластеризација на јавните претпријатија по примерот на Европа. Се очекува спојување во едно претпријатие на повеќе помали, иако сеуште не сме подготвени ниту ние, а ни земјите од Западен Балкан. За да се формира едно такво претпријатие треба да биде во регион во неколку соседни општини. Со формирање на вакви претпријатија се размислува дека ќе се намали проблемот кој го имаме со стучен кадар кој би се споделувал во неколку општини, на јавните претпријатија ќе им се намали цената за опслужување по лице и ќе им се намалат долговите на јавните комунални претпријатија, истакна Ане Лашкоска.

Имаме недоволен капитал за замена на подводните мрежи, лош менеџмент на мрежите, а решението не е само реинвестиција туку и добар менаџмент, вели тим лидерот на проектот Ад Санен, посочувајќи дека бизинсот со вода е бизнис со голем интензитет и не е како со другите услуги кои се нудат, и критични точки кои треба да се земат предвид се замена и одржување.

Го имаме овој проект кој е финансиран од Европска Унија кој е насочен кон спроведување реформи во секторот за вода.  Мислиме дека голем дел од проблемите ќе бидат надминати со соработка помеѓу општините. Затоа во Македонија, бидејќи е мала држава, наместо да користите 60 или 70 мали претпријатија најдобро е тие да се спојат во 6-7 претпријатија. Преку овој проект подготвуваме алатки и начини за да го постигнеме тоа на правилен начин. Кога имате неколку моќни регионални оператори, ќе го решите и еден од проблемите, а тоа е атрактивноста на претпријатието за вработување професионалци. Затоа што инженерите и луѓето од IT секторот сакаат да изградат кариера. Кога еден бизнис ќе биде издигнат на повисоко ниво, ќе биде решен и овој проблем, додава Санен.

Секторот на водни услуги се наоѓа пред еден голем предизвик во моментот имајќи во предвид дека давањето на водните услуги, водоснабдувањето, собирањето и одведувањето на урбаните отпадни води и прочистувањето на истите го вршат околу 70-тина претпријатија во дадениот момент во државава, вели Јане Вртески, институционален консултант.

Негативните демографски движиња коишто ги имаме, застарената инфраструктура, тесните грла во процесите, сето тоа бара реформа на секторот. Една од тие реформи е и проектот кој го промовираме денес како пилот проект да се видат можностите за различни модели за давање на водни услуги, од аспект на модел на различни функции, модели на различни процеси, модели на регионални претпријатија, комбинирани модели. Сето тоа што може да обезбеди одржливост на секторот на услугите во наредниот период, зборуваме не за годините, децениите кои што се пред нас. Секторот бара околу 2,5 милијарди инвестиции до 2045 година. Тоа се огромни средства кои што некој треба да ги имплементира и да ги управува тие системи. Во однос на недостатокот на кадар на млади луѓе анализата покажува дека само 2% од вработените во комуналниот сектор се млади. Тоа значи дека голем процент, преку 40% во наредните години ќе се пензионираат. Тоа значи дека можеме да останеме без кадар за одржување на системите, што дополнително ќе го оптовари не давањето на услугите, туку целокупниот економски развој на државата, посочува Вртески.

Потребна е, вели, реформа која не е може да ја прават претпријатијата бидејќи тие се даватели на услугите.

Ова бара носителите на политиките на локално и централно ниво да се обединат и пред се, не како систем кој што ќе биде воден и управуван од повеќе министерства, туку потребен е предводник, еден кој што ќе го води и ќе биде одговорен за реформите во секторот. Овој проект треба да даде одговори на овие прашања, за да можеме кога ќе дојдеме во процесот на имплементација и сега, и во годините пред нас да тоа го направиме со одлуки базирани на информација. За да не правиме грешки во инвестициите и во плановите во наредниот период. И не треба да размислуваме само на физичката инфраструктура, туку и  на дигитализацијата на секторот, додава Вртески.

Претседателот на АДКОМ Раско Чочков истакна дека традиционалното организирање на „Денови на комунани услуги“ години наназад е со цел доближување на актуелните предизвиците со кои се соочуваат јавните комунални претпријатија до пошироката јавност.

Веруваме дека преку ваков дијалог можеме да придонесеме за подигнување на свеста, подобро разбирање и креирање на одржливи решенија. Комуналниот сектор игра клучна улога во секојдневниот живот на луѓето, услугите што ги обезбедуваме се основа за здраво и функционално општетсво. Но, истовремено сме свесни дека се соочуваме со низа предизвици како што се ограничени ресурси и се поизразен недостиг на стучен кадар. Во оваа насока говориме и за кластеризацијата на водните услуги како потенцијален модел за поефикасно управување и подобрување на услугите, но и за дефицитот на млад кадар кој претставува еден од поголемите предизвици за одржливоста на секторот во иднина. АДКОМ останува и понатаму посветен на унапредување на комуналниот сектор преку заедничко делување, партнерство и иницијативи, додава Чочков.

Инаку, на настанот присуствуваа претставниците на институциите, јавните комунални претпријатија, локалната самоуправа и меѓународни експерти, со цел отворање на клучни прашања и предизвици во комуналниот сектор.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска