Нов систем за управување со учење на јавната администрација, како и продолжување на искористувањето на новите технологии со цел таа да биде навремено и постојано образована, за да може да ги задоволи ефикасно и ефективно барањата на граѓаните, се новите иновативни мерки за реформа во администрацијата во Македонија на централно така и на локално ниво кои денеска на прес-конференција ги презентираше министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

Во врска со предностите од воведување на системот за организациите, тој појасни дека ќе има заштеда на време, нема изостанување од работното место и пониски трошоци од класичниот тип на обука.

Системот ја прави содржината за учење достапна на секој еден корисник 24/7 од било која веб локација која има интернет пристап. Притоа, повеќе корисници истовремено можат да имаат пристап до СУУ.

– Наставата која ќе ја одржува предавачот може да ја следат безброј корисници на обуката иако физички  тие нема да бидат присутни во една иста училница, туку ќе се следи од т.н. виртуелна училница. Предавачите можат со само едно кликнување на маусот да извршат многубројни организациски задачи. Ова се новини кои што се потребни за сериозна реформа во системот на обуки на администрацијата. Во првата  фаза ќе се набави систем за управување и поголем број на електронски содржини кои што сега се користат во класичната обука на администрацијата, додаде Ивановски.

За почеток се обезбедени 150.000 евра за самиот систем, а подоцна зависно од развојот на содржините кои ќе бидат побарани ќе се спроведуваат дополнителни набавки. 

OhridNews