На археолошкиот локалитет Расница, с. Корошишта – Струшко, денес беа презентирани најновите ексклузивни наоди од истражувањата на архајската некропола – богато војничко погребување со комплетна воена опрема, шлем, штит, меч, копја и други гробни прилози, кое според првичните согледувања е постаро од исклучителното откритие направено на истиот локалитет во 2024 година.

Целината претставува исклучително значаен наод за проучувањето на архајскиот период и дополнително го потврдува карактерот и големото научно значење на некрополата во Корошишта.

Директорката на Националниот археолошки музеј на Република Северна Македонија, м-р Магдалена Манаскова, му честиташе на тимот археолози, предводен од раководителот на истражувањата д-р Перо Арџанлиев, за истрајноста, посветеноста и големиот професионален успех со кој, по втор пат во само две години, македонската археологија се збогатува со откритие од исклучителни размери.

Досегашните резултати и потенцијалот на локалитетот ја наметнуваат потребата истражувањата на Расница да продолжат како систематски археолошки истражувања, со долгорочна научна програма и соодветен третман на откриениот материјал, истакна Манаскова.

Раководителот на проектот, д-р Перо Арџанлиев, го претстави археолошкиот контекст и значењето на новото откритие.

Станува збор за гроб со исклучително богата и комплетна војничка опрема, а според карактеристиките на откриениот материјал и првичната хронолошка анализа, погребувањето е постаро од наодот откриен во 2024 година. Новите сознанија овозможуваат попрецизно согледување на развојот на некрополата, погребните обичаи и статусот на лицата погребувани на овој простор во текот на архајскиот период, посочи Арџанлиев.

На прес-конференцијата, директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева истакна дека Управата, согласно своите надлежности, ќе иницира Информација до Владата, со цел да се обезбеди континуитет и соодветно финансирање на понатамошните археолошки истражувања, заштитата и стручниот третман на локалитетот и наодите.

Поддршка за продолжување на истражувањата изрази и градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, нагласувајќи го значењето на откритието и за локалната заедница, како и подготвеноста на Општината да даде поддршка во рамките на своите можности и надлежности.

Директорот на НУ Завод и музеј – Охрид, Горан Патчев, институција партнер во истражувањата, ја истакна максималната стручна и институционална поддршка за проектот.

Новите резултати од Корошишта отвораат исклучително важни прашања за археологијата на Охридско-струшкиот регион и за неговото место во пошироките процеси на Балканот во архајскиот период, особено во однос на веќе познатите богати погребни комплекси од регионот, меѓу кои централно место зазема Требенишката некропола.

Откритието од 2026 година се надоврзува на резултатите од 2024 година, кога на Расница беше истражена монументална гробна целина со исклучително богат инвентар. Новиот гроб со комплетна војничка опрема покажува дека не станува збор за изолиран наод, туку за археолошки комплекс со извонреден научен потенцијал.

Со продолжувањето на истражувањата, Расница кај Корошишта се наметнува како еден од клучните локалитети за идното проучување на архајскиот период во Македонија и поширокиот регион, а откриените целини допрва ќе бидат предмет на детални археолошки, конзерваторски и интердисциплинарни анализи.

OhridNews