Одземањето на дозволата за емитување на А2 телевизија од страна на Советот за радиодифузија поради непочитување на програмскиот формат сериозно ја загрозува слободата на изразувањето и медиумскиот плурализам во Р.Македонија, се вели во реакцијата на Македонскиот институт за медиуми – МИМ.

Членот 63 од Законот за радиодифузија не содржи експлицитна одредба дека основ за одземање на дозвола може да биде непочитување на програмскиот формат. Експертите на Советот на Европа, при изготвувањето на Законот за радиодифузија од 2005 година, децидно предупредија дека таква одредба во законот не смее да постои, заради можноста од нејзина злоупотреба.

Советот за радиодифузија треба да ја информира јавноста дали и другите телевизии во целост се придржуваат кон програмскиот формат, или се работи за селективна примена  на Законот.

Ваквиот начин на справување со сложените медиумски состојби од страна на институциите придонесува за натамошно влошување на демократскиот амбиент и слободата на медиумите во земјава, стои во соопштението на МИМ.

Реагираше и Самостојниот синдикат на новинари на Македонија. Оттаму велат дека се згрозени од  веста за одземањето на концесијата на „ТВ А2“, во период на консолидација на телевизијата, која понудила можност за повторно вработување на голем број новинари, што останаа без редовни примања по затворањето на „ТВ А1“.

-Особен револт предизвикува  цинизмот во  образложението на Советот за Радиодифузија  за  одземањето на правото на зрачење поради „непочитување на програмската шема“.  Во услови кога на македонскиот медиумски пазар се кршат правилата на СРД по сите основи и тоа секојдневно, броењето на проценти на забавната програма е хипокризија која ниту се обидува да биде сокриена“, се вели во соопштението на ССНМ.

Според Синдикатот, вчера постигнатиотдоговор за декриминализација  на клеветата не ја намалува тежината на одлуката со која „редица наши колеги  повторно  се соочуваат со невработеност, ниту сомневањата дека станува збор за селективна примена на законите за пресметка со критичкото новинарство“, стои во рекацијата на ССНМ.