Секторот за полициски работи од општа надлежност при Одделот за униформирана полиција реализира семинар за прва психолошка помош наменет за полициски службеници во Охрид.

Семинарот, посочуваат од МВР, бил спроведен со поддршка на Црвениот крст, а во рамки на истиот биле обработени теми од особено значење за полициската професија, како што се укажување на прва психолошка помош при кризни состојби, основни принципи на првата психолошка помош, справување со тагување и загуби, како и грижа за вработените и зачувување на нивното ментално здравје.

Покрај теоретскиот дел и пренесените знаења, семинарот, додаваат, опфатил и практична обука за укажување на прва помош при масовни несреќи, каде волонтерите на Црвениот крст и полициските службеници заеднички го демонстрирале своето знаење и вештини, стекнати и за време на претходниот тренинг модул реализиран во Центарот „Солферино“ во Струга.

Оваа обука придонесе за јакнење на капацитетите на полициските службеници за навремено препознавање, соодветно реагирање и обезбедување психолошка и прва помош во кризни и вонредни ситуации, како кон граѓаните, така и кон своите колеги. Преку практичните вежби, размената на искуства и интерактивниот пристап, дополнително се зацврсти и меѓуинституционалната соработка со Црвениот крст, што претставува значаен придонес кон унапредување на професионалната подготвеност, хуманото постапување и ефикасното справување со кризни состојби, потенцираат од МВР.

Воедно изразуваат благодарност до Црвениот крст за посветеноста, стручната поддршка и успешната реализација на семинарот, како и за континуираната соработка во насока на унапредување на знаењата и вештините на полициските службеници во справувањето со кризни и вонредни ситуации.

OhridNews