10-ти Регионален симпозиум на лаборатории за нафта и нафтени деривати се одржува од денес до 15 мај во Охрид.
Симпозиумот претставува значајна регионална платформа за професионална размена на искуства, знаења и современи практики во областа на контролата на квалитет, лабораториските анализи, регулативата и безбедноста во нафтената индустрија, посочуваат од ОКТА АД – Скопје кои се дел од Организацискиот одбор и главен поддржувач.
На настанот, потенцираат, ќе учествуваат претставници на лаборатории, институции, регулаторни тела и компании од неколку земји во регионот, вклучувајќи ги Србија, Бугарија, Грција, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и други.
На официјалното отворање утре свои обраќања ќе имаат градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и генералниот директор на ОКТА АД – Скопје, Димитриос Пасхос.
Во рамки на работниот дел на симпозиумот ќе бидат одржани и стручни презентации и дискусии од претставници на најрелевантните лаборатории во нафтената индустрија во регионот, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Регулаторната комисија за енергетика, Државниот пазарен инспекторат, како и други релевантни институции и компании од регионот.
OhridNews













