Во годината кога Охридскиот завод и музеј одбележува 75 години од своето постоење, во годишната програма за заштита на недвижното културно наследство со над 13 милиони денари се предвидуваат значајни активности за ревитализација на Самуиловата тврдина, како и значајни интервенции и археолошки истражувања на локалитетот Манчевци, рече при денешната посета на Охрид, министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Министерот Љутков потенцираше дека заштитата, промоцијата и презентацијата на Охрид и Охридската споменична целина, која се вбројува во редот на светското културно и природно наследство, претставува врвен приоритет на Министерството за култура и туризам.
Во завршна фаза е изработката на проектот за ревитализација на Самуиловата тврдина, а тоа подразбира и археолошки доистражувања, изведба на илуминација и партерно уредување на летната сцена. И со тоа ќе си ја возобновиме и традицијата за одржување на театарски претстави, концерти и други културни настани и тука се содржи и нејзината самоодржлива компонента. Ова ќе биде и една од сцените којашто ќе може слободно да ја користи и фестивалот Охридско лето. Ова и на времето пред едно 20 години се случувале овде повеќе театарски претстави. Археолошкиот локалитет Манчевци, кој се истражува од 2007 година и каде што е лоцирана ранохристијанската базилика со прекрасни мозаични површини, сега се соочува со сериозни последици од оштетување и поради тоа Министерството издвои средства за археолошки доистражувања, изведба на потпорен ѕид и премостување, со што ќе бидат обезбедени соодветни услови за презентација и промоција на ова културно добро, рече министерот Љутков.
Оваа година добивме еден од најголемите буџети досега, околу над 13,5 милиони денари, од кои повеќето ќе одат во заштита, над 11 милиони денари, а едни од позначајните проекти се однесуваат на Самуиловата тврдина и локалитетот Манчевци, посочи директорот на НУ Завод и Музеј Охрид, Горан Патчев.
Во однос на проектот за Самуиловата трвдина ќе ставиме акцент на заживување на овој простор со летната сцена, партерното уредување, патеки на движење, опис на локалитетите кои се наоѓаат тука, санитарниот јазол, илуминацијата, озвучување…, а паралелно ќе се одвиваат и обемни археолошки истражувања во исто време на северниот дел од тврдината. Во поглед на локалитетот Манчевци обезбедени се средства пред се за изработка на проект со кој ќе се овозможи презентација интегрална на мозаиците и ќе се заштитат околните објекти од натамошно оштетување, потенцираше Патчев.
Воедно додаде дека во годишната програма на Установата се и над триесет проекти во областа на музејската дејност, европски интеграции, меѓународна соработка, инвестициски проекти…
Н.С.Ј.


















