На вчерашната седница на Советот на општината Дебрца од страна на советничката група на СДСМ беше предложена одлука за изменување на одлуката за издавање согласност за формирање паралелки со помалку од 24 ученици во основното училиште “Дебрца” – Белчишта за учебната 2015/2016 година, со која се предлага враќање на укинатите паралелки од подрачното училиште во село Велмеј, што е по барање и на жителите на село Велмеј,информираат од СДСМ Дебрца.Предлогот бил поддржан од советничката група на СДСМ и независниот советник, но не го добил потребното мнозинство да биде ставен на дневен ред, бидејќи не бил поддржан од советничката група на ВМРО ДПМНЕ.
– Подрачното училиште во село Велмеј е укинато спротивно на одредбите од Законот за основното образование. Имено, согласно член 23 став 3 од Законот за основното образование постапката за престанување со работа на подрачното основно училиште ја покренува и води основачот, по претходна согласност од министерот. Општината како основач на подрачното училиште нема добиено претходна согласност од министерот, а кое нешто е видно и од одговорот што жителите на село Велмеј го добиле од министерот за образование и наука, по нивното барање доставено до Министерството за образование и наука, во септември 2015 година.Со оглед на тоа дека при донесувањето на одлуката за укинување на подрачното училиште не е почитувана законската постапка, советничката група на СДСМ безрезервно ја поддржува иницијативата на жителите на село Велмеј и на наредните седници на советот на општината повторно ќе побара враќање на деветолетката во село Велмеј,велат од СДСМ.
Оттаму го повикуваат градоначалникот на општината,како што и ветил претходно,да се залага секое дете да учи во своето село.
OhridNews