Денеска се навршуваат 121 година од херојската смрт на големиот македонски револуционер, охриѓанецот Христо Узунов.

Христо Узунов (22 февруари 1878 – 24 април 1905 година) го претставува охридското револуционерно движење во времето на самосозревање на македонскиот народ. Татко му бил учител и активно вклучен во револуционерното движење. Неговата мајка била по потекло од Струга од семејството на преродбенскиот деец Ѓорѓи Чакалов. Според некои докумени се смета дека Христо Узунов во револуционерната организација се вклучува во 1896 година заедно со Методи Патче. Благодарение токму на него, за илинденското востание се знае многу повеќе отколку за другите востанички реони. Тој регистрирал се, го бележел името на секој загинат востаник, на секој убиен селанец, на секој предавник којшто организацијата го осудувала на смрт. Денеска се познати имињата на сите 478 лица од охридско-струшкиот крај кои загинале во Илинденското востание.

Христо Узунов по востанието останал во татковината каде настојувал борбите да продолжат. На 24 април 1905 година Христо Узунов со неговата чета влегол во село Цер-кичевско заедно со крушевскиот војвода Ванчо Србаков каде бил обиколен од од силни турски сили. Тие не добиле никаква помош па биле принудени или да се предадат или да се самоубијат. Христо Узунов тогаш пишува писмо упатено до сите чесни револуционери по што тој и неговите соборци се самоубиваат.

Во рамки на програмата на Општина Охрид, ООУ Христо Узунов  и НУ Завод и Музеј Охрид за одбележување на годишнината од смртта на големиот револуционер Христо Узунов денес во 11 часот ќе биде положено цвеќе пред неговото спомен обележје во градскиот парк.

Во 11 часот ќе се одржи и панихида и полагање цвеќе на гробот на Узунов на местото на неговата погибија во кичевското село Цер.

Во спомен – куќата на Узунов од 12 часот ќе се одржи свечена програма со драмска изведба на монодрамата „Син на две мајки – последната ноќ пред истрелот“ од страна на учениците Климент Размоски и Леа Шумуликоска од ОСУ „Св.Климент Охридски“ под менторство на професорката Ирена Бачиќ, а настап ќе има и охридскиот музичар Ѓоко Чеменкоски со родољубиви песни .

Програмата ќе биде заокружена вечерва со едукативната детска претстава „Христо Узунов низ детските очи“ во изведба на детското драмско студио „Цвет 75“ од Охрид, со почеток во 19 часот во Ohrid Mall.

 

OhridNews