Во тек е реализација на проектот за реконструкција на пумпната станица “Метропол”, која е една од најзначајните во водоснабдителниот систем на Охрид.
Се очекува зафатот да придонесе за намалување на трошоците за електрична енергија кои се меѓу најголемите оперативни трошоци на ЈП Водовод, истакна директорот на јавното претпријатие Марјан Ристески при увидот во работите на пумпната станица „Метропол“ на кој присуствуваа претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за транспорт и врски Александар Николоски и градоначалникот на општина Охрид Кирил Пецаков.
Извршена е замена на две вертикални турбински пумпи стари четириесеттина години со нови вертикални поекономични автоматизирани пумпи со фреквентна регулација, промена на постоечкото напојување на пумпните агрегати со целосно ново напојување и целокупната електрична инсталација како и градежна санација на подните, ѕиданите и таванските површини заедно со столаријата во самата просторија од пумпната станица, посочува Ристески.
Вредноста на проектот изнесува 38 милиони денари, обезбедени преку повик од Владата.
OhridNews

















