Се зголемуваат цените на услугите на јавните претпријатија. Советниците на денешната одржана деветта седница ги изгласаа одлуките. Од опозицијата велат се носат антисоцијални мерки кои се директен товар за граѓаните на Охрид, додека за владејачкото мнозинство и раководните лица ова поскапување е економски оправдано согласно покачувањето на цените на горивата, репроматеријалите, како и минималната плата.

Денес на дневниот ред, покрај точките за ЈП Нискоградба која помина и за ЈП Градски гробишта ги имаме и поскапувањата и за паркинг и за комунални услуги и тоа за поскапувањата кои се движат од триесет проценти па нагоре.

Паркингот поскапува за 30%, гробарината за 50%, а комуналните услуги исто така за 30%. Сите овие услуги кои ги нудат јавните претпријатија спаѓаат во таканаречените режиски трошоци кои паѓаат директно на товар на граѓанинот. Уште поскандалозно е тоа што и покрај зголемувањата на цените, одредени јавни претпријатија носат и нови планови за вработување. Па така, ЈП Охридски Комуналец предвидува 13 нови вработувања, а ЈП Водовод предвидува нови 7 вработувања. Па прашањето е дали овие поскапувања придонесуваат за нови вработувања и граѓаните ќе ги сносат тие трошоци. Јавните претпријатија треба да бидат сервис на граѓаните, а не инструмент за дополнително финансиско оптеретување, рече советникот Јане Тодороски.

Ова поскапување е второ по ред некаде за две до три години. Значи пред две три години мислам дека имаше вакви поскапувања на дел од јавните претпријатија и сега одиме со уште едно поскапување, рече советникот Ванчо Косотоски.

Јас сфаќам дека горивата поскапуваат, дека имаат инфлација во оваа држава, иако некои не сакаат да признаат. Меѓутоа сигурно ниту поскапувањата, ниту инпутот кој што влегува во јавните претпријатија не е со триесет, педесет проценти поскапување. Наместо да се оди кон рационализација на вработувања, да се зголемува продуктивноста, наместо да се изнајдуваат нови начини за прилив на средства со дополнителни дејности или зголемување на дејностите, најлесниот начин е да се поскапи дваесет, триесет, педесет проценти, посочи Костоски.

Советникот Арбен Демироски посочи дека нивната обврска како советници не е само да носат популарни одлуки, туку и одржливи и одговорни кои ќе обезбедат функционални услуги за сите граѓани на Охрид.

Во изминатите години се соочуваме со значителен раст на цените на горивата, кои се клучен трошок за функционирањето на ЈП Охридски комуналец. Така споредено со 2017 година и 2021 година денес цените на горивата се значително повисоки, што директно влијаат врз трошоците за собирање, транспортирање, депонирање на отпад, како и одржувањето на јавната хигиена. Мора да ја земеме во предвид состојбата со платите. Двојно е зголемувањето од 2021 иако бројот на вработени е минус 3, трошокот на платите е значително повисок, што е резултат на усогласување на законските обврски, раст на минималната плата и потребата за достоинствен живот на работниците. Дополнително, Охридски комуналец издвојува околу два и пол милиони денари за бенифициран стаж кој не може да се игнорира. Оваа одлука не е насочена против граѓаните. Напротив, тоа е во нивен интерес. Со неа обезбедуваме стабилност во претпријатието, континуитет на услугите и подобрување на квалитетот во нашиот град. Околу новите вработувања конкретно се седум нови вработувања, од кои двајца подигачи, двајца метачи, двајца шофери и еден авто електричар. Со ова јасно покажува дека станува збор за оперативен кадар. Луѓе кои се на терен, кои секојдневно ја одржуваат хигиената во градот, управуваат возила, се грижат системот да функционира непречено. Исто така, оваа одлука не произлегува од желба за проширување, туку од реална потреба, додаде Демироски.

Директорот на ЈП Охридски Комуналец, Сашо Најдески посочи дека од страна на Државниот завод за ревизија имало забелешки дека постојните цени на услугите на претпријатието не се утврдени согласно методологијата за пресметка на цените за собирање, транспортирање и депонирање на отпад донесена од Министерството за животна средина и просторно планирање во 2013 година.

Постапувајќи по забелешката се обративме до економски вештак да изготви економско финансико вештачење кое ќе ги утврди цените согласно таа методологија. Согласно истата цените за комуналните услуги се формираат врз основа на целокупните трошоци за подигнување на отпадот, како и врз основа на принципот загадувачот плаќа. На тој начин секое зголемување на влезните трошоци дирекно влијае врз крајната цена. Од економското судско вештачење се утврди дека трошоците на ЈП се енормно зголемени. Со корекцијата на цените ќе се обезбеди финансиска стабилност на ЈП, редовно исплаќање на енормните високи трошоци, како и законско утврдување на цената согласно методологијата, посочи Најдески.

Сметам дека не постои никаква основа дополнително да се оптеретуваат граѓаните со вакви антисоцијални мерки, а особено поразително е дека платата била основа за поскапување на услугите кои ги нудат јавните претпријатија, односно локалната самоуправа која е сервис на граѓаните и кои се формирани исклучиво за остварување на дејноста за нивниот јавен интерес, посочи советникот Иван Димкоски.

Ќе ја искористам оваа прилика јавно да се извинам пред граѓаните на град Охрид за овие непопуларни мерки кои јасно е дека мнозински ќе бидат усвоени, колку и остатокот да бидеме против. Но, ќе повикам било кој од колегите од владеачкото мнозинство да биде доблесен и да се извини пред граѓаните на град Охрид, рече Димкоски.

Директорот на ЈП Градски гробишта, Драган Тренески посочи дека кога има зголемување на минималната плата, зголемување на енергенсите и зголемување на репроматеријалите, должност е да се изврши корекција на цената согласно можностите за да се одржува ликвидност и од друга страна квалитетното да се извршуваат задачите.

Не се согласувам дека мерките за зголемување на цените се популистички или политички. Едноставно се економски со издржани показатели. Ние сме претпријатие кое од 58 вработени дошло до 52. Меѓутоа, во вакви економски услови тешко е да одржувате ликвидност, уште потешко е да покажете продуктивност и завидни резултати. Сега гробишта не се само гробни полиња. Гробишта се со едни проекти од преку педесет милиони денари, асфалтирани, со среден паркинг простор, со поставени две рампи, со поставени стотици метра ограда. Имаме сега проект за фекалната и атмосферска канализација кој е од огромна важноста. Станува збор за капитални проекти со завиден износ на кој може да завидат и некои поразвиени општини низ Македонија, додаде Тренески.

Советничката Лидија Неданоска во своето излагање појасни дека од сега натаму граѓените ќе плаќаат наместо 1000 денари по 1500 денари за гробарина, потенцирајќи дека има некои суми иако помали кои се покачени за 100%.

Ниту зголемувањето на минималната плата, ниту пак вложувањето во инфраструктурата не е изговор за толку многу високи покачувања. Никако не можеме да се согласиме со овие поскапувања кои се на штета на џебот на охриѓани, посочи Неданоска.

Директорот на ЈП Билјанини Извори, Тео Андоноски, потврди дека ќе има зголемување на цените на услугите, додавајќи дека истото се должи на покачувањето на платата, како и другите режиски трошоци, но и тоа дека ова е прво покачување од 2018 година.

Во ценовникот во зимскиот период на цени имаме 30 денари во цел град, а во 2018 година се донесе ценовник каде што во премиум зоната беше 60 денари. Значи во тој дел имаме и намалување на цените во овој период додека сум јас директор. Точно е дека сега имаме поскапување на цените. Цените во зимскиот период во зона А и Б ќе се покачат за 10 денари, во премиум зона за 20 денари, меѓутоа таа пак ќе е поевтина отколку во 2018 година согласно тој ценовник. Најголем дел од паркинг местата се наоѓаат во зона А и Б, најмал дел во премиум зона. Во летниот период имаме покачување на цената, но ова е прво покачување од 2018 година, додаде Андоноски.

Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески посочи дека токму опозицијата е таа која шири популизам бидејќи на оваа седница биле загрижени за покачувањето на цените кои се оправдани, а од друга страна, на минатите седмици биле загрижени за субвенционирањето на јавните претпријатија.

Ова е реално покачување на цените. За да останат работниците и да се покриваат трошоците кои што се реални во јавните претпријатија при услови на покачени цени на горива и на репро материјали мора да ги коригираме цени. Ние не коригираме цени секој месец. Се соочуваме во јавните претпријатија со скоро дупло зголемување на износите за исплаќање на плати, зголемени трошоци за нормално функционирање на јавните претпријатија. Од друга страна се залагате вие да намалиме со субвенционирање, значи да има што помалку субвенции преку Општина Охрид, да не остане никој без работа, а сега сте толку загрижени за некое покачување кое што гледаме да е минимално и не е големо оптеретување за граѓаните. Треба да сме рални кога има потреба од покачување. Граѓаните ќе проценат сами дали е ова реално оправдано или е нереално и неоправдано, додаде Китески.

На денешната седница на Совет беше изгласана и одлуката за зголемување на цената и на такси превозот.

Н.С.Ј.