Федерацијата соопшти дека прекинот на соработката е во интерес на репрезентацијата и на тренерот, по период во кој резултатите не ги исполнија очекувањата.

Гоце Седлоски повеќе не е селектор на македонската фудбалска репрезентација. Фудбалската федерација на Македонија денеска соопшти дека двете страни спогодбено го раскинале договорот.

Од ФФМ наведуваат дека соработката завршува откако очекувањата, околностите и резултатите не се усогласиле со посакуваното. Федерацијата оценува дека разделбата во овој момент е најдобра и за националниот тим и за Седлоски.

Резултатите се дел од фудбалот. Почитта кон луѓето кои го задолжиле треба да остане и по последниот натпревар, се вели во соопштението.

Федерацијата му се заблагодари на Седлоски за работата, посветеноста и професионалниот однос, нагласувајќи го неговиот придонес како поранешен капитен и еден од најтрофејните македонски тренери.

Разделбата следува по лошата серија во Лигата на нации, во која Македонија претрпе шест порази на шест натпревари и ја заврши групната фаза без освоен бод, со гол-разлика 1:15.

Г.М.