Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на завршната сесија на Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани, што се одржа вчера во Скопје во организација на Владата.
Според претседателката, трагедијата во Кочани останува длабока рана и траен потсетник за потребата од одговорност, подготвеност и солидарност во справувањето со кризни ситуации.
За неа од трагичното искуство мора да се извлечат лекции за изградба на посилен и поефикасен систем што ќе го штити човечкиот живот.
Tрагедијата во Кочани беше момент на национален шок, длабока човекова болка, ерупција на сочувство и солидарност, но и момент на политичка и општествена катарза. Пред огледалото на совеста и одговорноста се најдовме сите и сеуште сме.Една година потоа, сметам дека донесовме вистинска политичка и медицинска одлука кога решивме најтешко повредените пациенти да ги пратиме надвор. Брзо воспоставената и интензивна координација меѓу македонските институции, здравствениот систем и меѓународните партнери, овозможи спасување на многу млади човечки животи. Ме допреа хуманоста и солидарноста на соседите, брзината на активирањето Европскиот механизам за цивилна заштита и меѓународната солидарност, посочи Претседателката.
Трагедијата во Кочани покажа дека здравствениот одговор на катастрофи не само медицинско прашање, туку и политичко, финансиско, етичко и морално, како и дека истиот во голема мера зависи од демократскиот капацитет на државата, институционалната подготвеност и интерсекторската координација, од професионалната компетентност, како и од односот кон прашањето за одговорност, рече Сиљановска-Давкова. Според неа, трагедијата во Кочани не останува само незаборавен болен спомен, туку станува постојан потсетник.
Преживеаните и нивните семејства ќе ја носат траумата доживотно, но ние имаме обврска да бидеме со нив и покрај нив, поддржувајќи ги. Кочанската апокалипса, покрај раните, за коишто сум сигурна дека ќе зацелат, ни остави предупредување дека без стандарди, без правила и без одговорност ниту една дејност не може безбедно да функционира и дека апсолутно никој и ништо, не смее да биде поважен и поважно од правото на живот, посочи Сиљановска-Давкова.
OhridNews
















