Со културната манифестација „Создадена да создава“ ќе биде одбележан 8 Март во Охрид. Настанот е во организација на Општина Охрид, НУ Охридско лето, Женски Центар „Бисера“ – Охрид и Фото Клуб- Охрид.

Програмата која е предвидена да се реализира во текот на утрешниот ден започнува со изложба на фотографии „Жени во фокусот“ на младата охриѓанка Нина Анѓелоска во 17:30 часот во „Арт Тераса“, по што следуваат врачување на фотографии на „12-те Жени во фокусот“, како и концерт со Кате Танева и Ѓорѓи Ѓорчев од 18 часот.

„Жени во фокусот“- 12 успешни приказни на жени-охриѓанки во 2025

Од 18:30 часот во галеријата на Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде отворена изложбата на жени сликарки од Женски центар „Бисера“, а од 19:00 часот во „Арт Тераса“ ќе биде отворена изложбата на Фото клуб „Охрид“, насловена „Жени зад објективот“.

Програмата ќе биде заокружена со концерт во црквата „Св. Софија“ на гитаристот Дејан Милевски со почеток од 20:00 часот.

Да го прославиме заедно празникот на жената!, порачуваат организаторите.

OhridNews