Над 12 кубни метри отпад беа собрани во еколошката акција која беше реализирана на брегот на Охридското Езеро кај селото Оровник за чистење на плажата „Дебрца“ од страна на Општина Дебрца заедно со партнерите вклучени во истата.

Започнавме историска еколошка акција за чистење на плажата „Дебрца“. Оваа акција е резултат на силна лична заложба и јасна визија – екологијата да не биде само збор, туку конкретна акција со долгорочно влијание. Сликата која ја затекнавме беше загрижувачка – пластика, гуми, текстил и разновиден отпад распослан долж целиот брег, дел и во самото езеро, како директна закана за биодиверзитетот. Само во првиот ден успеавме да собереме над 12 кубни метри отпад – јасен доказ дека кога се работи заедно, резултатите се видливи, вели градоначалникот на Општина Дебрца, Златко Сиљаноски.

Охридското Езеро, потенцира, е светско природно наследство на УНЕСКО и наша должност е да го заштитиме и сочуваме за идните генерации.

За денес најави, како што вели уште поважен чекор – за прв пат во историјата на Општина Дебрца ќе се реализира подводно чистење на дното на езерото кај оваа плажа.

Плажата „Дебрца“ кај Оровник има огромен потенцијал – природна убавина, мирна околина и уникатен поглед кон аеродромот „Свети Апостол Павле“ – простор кој заслужува да стане нова туристичка атракција. Охридското Езеро е природно наследство на целото човештво. Наша должност е да го предадеме почисто отколку што го добивме. Ова не е еднократна акција – ова е почеток на нова ера за плажата „Дебрца“ и за нашата општина, истакнува Сиљаноски.

OhridNews