Доближување на институциите и компаниите до граѓаните преку директна комуникација, практични совети и достапни услуги е целта на тридневниот Социо-здравствен саем кој од денес се одржува во Охрид.

Во периодот до 05 април, саемот носи содржина која излегува од рамките на класични настани и директно се доближува до граѓаните: отворени разговори со институции за достапноста на здравствените и социјалните услуги, панел дискусии со лекари специјалисти за превенција, рано откривање и третман на заболувања, теми кои ја засегаат секоја семејна средина – од примарна здравствена заштита до хронични болести и ментално здравје.

Основната цел е да ги доближиме институциите, компаниите до посебната категорија на граѓани кои ги опфаќа социјалниот и здравствениот аспект, бидејќи ние најчесто сме научени да критикуваме дека ништо не функционира, а од друга страна не сме баш свесни дека се функционира на некаков закон, дека секоја институција си има свој деловник за работа и дека институциите доколку им пристапиме можеби како што треба ќе се поинакви од онаа слика која ние ја имаме. Сакаме да ги зближиме институциите, компаниите со граѓаните, посебно со претставници на различни социјално ранливи категории и токму тоа е целта. Тоа што ќе се прави во текот на овие три дена е формирање на една база за формирање на група за самопомош. Институциите ќе ја покажат својата отвореност, компаниите кои ќе се дел од овој саем и производителите на локалните органиски производи ќе дадат свои услуги и свои производи барем во текот на првите три месеци да можат учесниците на Саемот да го видат бенефитот и после, вели Димче Каневче од Здружението на лица со дијабет Охрид.

Овој настан претставува одлична можност за заедничко вмрежување, размена на искуства и унапредување на соработката помеѓу институциите, граѓанските организации и сите чинители кои работат во интерес на граѓаните, рече во обраќањето заменик градоначалничката на Општина Охрид, Ана Крстеска.

Особено не радува фактот што фокусот е ставен на поддршката на различни категории на граѓани, со посебен акцент на социјалната и здравствената заштита. Општина Охрид останува посветена на градење инклузивна заедница, во која секој граѓанин има пристап до услуги, поддршка и можности за подобар квалитет на живот. Ваквите иницијативи се доказ дека преку заедничка работа можеме да создадеме одржливи решенија и да обезбедиме вистинска поддршка онаму каде што е најпотребна. Верувам дека активностите што следуваат во рамки на саемот, панел дискусиите, презентациите и работилниците, ќе придонесат за подигнување на свеста, споделување знаење и унапредување на услугите за граѓаните, истакна Крстеска.

Кулминацијата на саемот ќе биде ЕКСПО денот (05 април, недела), кој ќе се одржи на тревникот кај хотел Палас, од 12:00 до 15:00 часот, како отворен простор за граѓаните. На едно место, посетителите ќе имаат можност да: се сретнат со околу 20 здравствени установи, компании и организации, добијат бесплатни мерења, советувања и директни насоки од стручни лица, како и да учествуваат во активности кои го промовираат здравиот начин на живот.

Аптеките „Виа Фарм“ како општествено одговорна компанија го поддржуваат овој настан, вели Марица Угриновска Баткоска, генерален менаџер на аптеки „Виа Фарм“.

Целта на настанот е да се унапредат, зголемат знаењата поврзани со медицина и со здравство, а секако и да се приближат сите мерки кои се на располагање на социјално ранливите категории во нашето општетство, посочува.

Менталното здравје е важно од секој аспект не само за социо ранливите личности, туку за секој поединец, потенцира Ристана Николовска, сопственик на Советувалиштето за ментално здравје „Психонаутика“

Целта на овие настани е токму тоа да се покаже колку е битно менталното здравје зошто без стабилна ментална состојба ние не можеме да бидеме здрави. Овие настани се битни зошто во овие три дена ќе се видат многу работи и тоа како од аспект на исхрана, физичка активност, ментална хигиена може човек да постане здрав, витален и да може да се носи со секојдневните предизвици, додава Николовска.

Инаку, настанот го организира Здружението на лица со дијабет – Охрид, во партнерство со Аптеки „Виа Фарм“ и Центарот за ментално здравје, раст и развој „Психонаутика“. Саемот е финсиски поддржан од Општина Охрид.

Н.С.Ј.