По повод 5 Мај – Ден на македонската азбука, а во рамките на одбележувањето на осум децении од излегувањето од печат на првото списание за деца и првиот буквар на стандарден македонски јазик, утре – вторник во Охрид ќе се одржи советување на тема: „Читањето во ерата на екраните – битка помеѓу алгоритмите и книгата“.
Советувањето е наменето за директори, воспитувачи, стручни работници и соработници, одделенски наставници, професори по македонски јазик и библиотекари од општините Охрид, Струга и Дебрца, информираат од НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид.
Настанот е заедничка иницијатива на Сојузот на просветните работници на Македонија, Здружението на просветни работници на град Скопје, Здружението на одделенски наставници „Учител“, Педагошки факултет „Св. Климент Охридски“, УКИМ Скопје и НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид, со поддршка на фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“, „Просветно дело“, Редакција „Детска радост“ и Општина Охрид.
Советувањето ќе се одржи во големата сала на Општина Охрид утре со почеток во 12.00 часот.
OhridNews













