Секој сегмент за Евросонгот кој догодина ќе се одржи во Белград предизвикува полемики во Србија, но службеното лого на манифестацијата, објавено пред неколку дена, предизвика бура во јавноста а фановите на Евросонг покренаа петиција да се објави нов конкурс. Освен што сметаат дека логото потполно погрешно ја претставува Србија и Евросонгот им пречи и спорната слива, итекако позната во тамошната јавност-премиерот Коштуница своевремено ја користел во својата политичка кампања.

РТС распишала конкурс за идејно решение за логотип и изглед на сцената, а одѕивот бил повеќе од добар-пристигнале 455 решенија за лого од кои стручното жири (во чија стручност се сомневаат потписниците на петицијата) избрало три најдобри, а од нив победникот. Револтираните обожаватели сметаат, меѓу другото, дека победникот е избран спротивно на професионалните критериуми, дека е визуелно неписмен, дека погрешно ја претставува Србија и Евросонг и дека е „навреда за сите учесници на натпреварувањето и љубители на Евросонг“.


Логото за Евросонгот што догодина ќе се одржи во Србија

Авторот на победничкото лого, кое го испратил под шифра Мама, за награда добил пет илјади евра но никому не му е јасно што сакал да порача со победничкото лого. „Дали ти е јасно што е слива?Да. Тоа е симбол на плодособирачко општество“ ,  „Уште една типично српска ујдурма и бламажа“ , „ COREL DRAW 13 во најдобро издание“ и „Заборавил да стави опинци и расол“ се дел од коментарите на бесните обожаватели на Евросонг.

РТС сеуште не се оптоварува со промена на логото, затоа што во тек е изборот на водители како и подготовките за поставување на спектакуларната сцена која на победникот на конкурсот му донела награда од десет илјади евра.

Јасминка Т. Момироска