Во Струга во тек е реализацијата на три проекти кои се однесуваат на изградба на модерен водоводен систем, пат со пешачка патека, како и изградбата на колекторскиот систем Радожда–Калишта.

Во Струга го покажуваме нашиот „Зелен пресврт“ на дело, преку создавање на трајни системи а не со привремени решенија. Инвестираме во три клучни проекти кои значат поквалитетен живот за стружани и трајна заштита на Охридското Езеро: поотпорен и безбеден водоводен систем, пат со пешачка патека и продолжување на изградбата на колекторскиот систем Радожда-Калишта. Здравјето на стружани и заштитата на животната средина мора да одат рака под рака, изјави министерот за животна средина, Муамет Хоџа по увидот во реконструкцијата на водоводната мрежа во градот.
Со овој капитален проект, кој започна минатото лето, посочува, се заменуваат дотраените азбест-цементни цевки со современи и безбедни материјали, со што се намалуваат техничките загуби и се зајакнува стабилноста на системот.
На терен се реализира изградба на модерен водоводен систем, инвестиција во вредност од 90 милиони денари, со која се врши замена на старите азбестни цевки со безбедни и современи материјали. Овој проект ќе обезбеди постабилно водоснабдување, намалување на загубите и подобар квалитет на водата за граѓаните. Во моментов се реализирани над 50% од проектот, а работите од првата фаза се очекува да завршат пред почетокот на летната сезона, истакна градоначланикот на Општина Струга, Менди Ќура.
Во однос на заматувањето на водата поради нелегални активности кај изворите, министерот Хоџа истакна дека институциите веќе постапуваат и дека одговорност мора да има. Тој нагласи дека водните ресурси се стратешко богатство и дека случајот е јасен сигнал за потребата од зајакнување на контролата и нивната заштита.

Продолжуваме со изградбата на колекторскиот систем Радожда-Калишта, машините се веќе на терен и градежните работи активно продолжуваат. Ова е суштината на нашиот пристап – наместо изговори за стопирани проекти, нудиме конкретни дела, чиста вода и заштитено езеро за идните генерации, истакна министерот Хоџа.
На крајот од посетата на Хоџа во Струга, беше извршен увид во изградбата на колекторскиот систем Радожда–Калишта. По прекинот заради обезбедување на потребните одобренија, градежните активности продолжуваат согласно утврдената динамика.
Проектот, посочи Хоџа, претставува значајна инвестиција во заштитата на Охридско Езеро и е дел од поширокиот системски пресврт кон долгорочно зачувување на животната средина и одржлив развој на регионот.
OhridNews














